Во недела премиера на претставата за деца „Дороти се враќа во Оз“

Во недела, 18.3.2018, со почеток во 11.00 часот во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп премиерно ќе биде прикажана претставата „Дороти се враќа во Оз“, во режија на Кирил Петрески.

 

„Претставата е продолжување на авантурите на Дороти. Таа се враќа кај своите пријатели од Оз, кои што на најмладата прилепска публика и се веќе добро познати и заедно со нив се бори против уште еден негативец кој што ја узурпира власта во Оз. Во подготовките внесовме многу труд и љубов. „Дороти се враќа во Оз“ е втор дел на популарната претстава „Волшебникот од Оз“. Се надевам дека оваа претстава ќе го има успехот на првиот дел кој што, со мали паузи, се играше десет години на сцената на театарот“, вели режисерот Кирил Петрески.

 

Според него секогаш е задоволство и уживање да се работи претстава за деца затоа што станува збор за специфична публика, чија што фантазија, колку да се трудиме, нема да ја надминеме, но затоа можеме да ја разбрануваме, да ја поттикнеме и да ја инспирираме.

 

„Овие претстави се многу важни, затоа што со нив, на некој начин, инвестираме дваесет години во иднината и со тоа ја создаваме нашата идна публика“, додава Петрески.

 

Во претставата играат : Марија Спиркоска – Илијеска, Ангела Наумоска, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Димитар Ѓорѓиевски, Димитар Црцороски, Јасмина Мицовска –Станкоска и Катерина Чакмакоска – Клинческа.

 

Сценографијата е на Пеце Ристески, костимите на Александар Џинго, а музиката ја компонираше Томе Темелкоски.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien