Руската војска го тестира проектилот што Путин го опиша како непобедлив

Од Русија пристигна веста за успешното лансирање хиперсоничната ракета, која рускиот претседател Владимир Путин неодамна ја опиша како непобедливо оружје.

 

Проектилот со име „Кинжал“ беше лансиран од борбен авион на „миг-31“, кој полетал од аеродром во југозападниот дел на Русија, објави руското Министерство за одбрана.

„Лансирањето се одвиваше според планот, а хиперсоничниот проектил успешно ја погоди целта“, соопшти Министерството.

 

Исто така, беше објавен и видеозапис од двајцата пилоти што се подготвуваа за летот, а потоа со брзи чекори се упатија кон авионот вооружен со големиот проектил. Видеото што е проследено со патриотска музика покажува како проектилот се одделува од авионот и лета на небото оставајќи зад себе огнена трага.

 

 

Проектилот „Кинжал“ е едно од оружјата што рускиот претседател Владимир Путин ги пофали во своето обраќање пред парламентот во пресрет на руските претседателски избори, кои ќе се одржат на 18 март, а на кои е извесно дека тој ќе освои уште еден мандат.

 

Путин потенцира дека ракетата лета со брзина 10 пати поголема од брзината на звукот и може да ги надвладее одбранбените системи. Рускиот заменик-премиер, Дмитриј Рогозин, на „Фејсбук“ напиша дека авионот „миг-31“ бил модифициран со цел да ја носи ракетата „Кинжал“.

 

Новиот руски борбен систем „Кинжал“ е наменет за уништување површински и водни цели. Поради својата голема брзина, проектилите се невидливи за радари, а истовремено е лесно да се управуваат. Тестирањето на борбениот систем започна на 1 декември минатата година.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien