Најмалку 39 жртви при пад на авион во близина на аеродромот во Катманду

Facebook
Twitter
Email
Print

Во несреќата на патнички авион од Бангладеш во главниот град на Непал, Катманду, загинаа најмалку 39 лица. Се стравува дека бројот на жртви и натаму ќе се зголемува.

 

Според властите, авионот на авиокомпанијата Ју Ес- Бангла од Бангладеш при слетувањето се оддалечил на десно од пистата на меѓународниот аеродром Трибхуван и се урнал во блиското фудбалско игралиште и потоа се запалил.

 

Портпаролот на аеродромот соопшти дека полициските и противпожарните служби се обидуваат да го пресечат авионот за да спасат што е можно повеќе патници и членови на екипажот.

 

Според портпаролот на полицијата, 30 лица биле спасени живи на местото на несреќата. Вкупно 67 патници и четворица членови на екипажот биле пријавени на летот на урнатиот авион. Шансите за спасување на натамошни жртви се ниски,  бидејќи авионот претрпел огромни штети од пожарот, истакна портпаролот на армијата.

 

За причината за несреќата, засега има само шпекулации. Директорот на непалските воздухопловни власти, Санџив Гаутам, се сомнева во технички проблем.

 

„Авионот имаше дозвола да слета од југ, но тој слетуваше од север. Ние сѐ уште треба да ја утврдиме причината за ова невообичаено слетување”, истакна Гаутам.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи