ВИДЕО – Благодарници за прилепските крводарители

Јован Илиоски од Прилеп лани во декември дарувал крв по 100-ти јубилеен пат. Со оваа хумана активност започнал во 1987 година кога во општата болница во Прилеп го однесол негов роднина и со кого за прв пат заеднички дарувале крв. На сите граѓани им порачува да даваат крв затоа што со секое дарување спасувале по еден човечки живот.

 

„Започнав со дарување на крв од чисто хумани причинии, а не за добивање на слободни денови. Крвта е драгоцена течност со која се спасуваат човечки животи, неможе никој да ја доплати. Првото мое дарување беше во болницата во Прилеп во 1987 година, каде ме однесе еден мој тетин и ми рече дека сега ќе даруваме крв“, се потсетува Илиоски.

 

 

Илиоски заедно со голем број крводариители од Прилеп по повод Денот на Црвениот крст и крводарителството беа примени од страна на градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, кој им даде благодарници.

 

Доктор Благоја Ѓорѓиоски, специјалист во физикална медицина, има дарувано крв над 60 пати. Вели дека освен хуман апскет дарувањето на крв имало и здравствен аспект бидејќи на таков начин се прочистувал организмот и создавање на свежа крв.

 

„Го препорачувам на сите бидејќи од една страна има една хумана конотација, добро е во секое време да има резерви на крв за луѓе на кои што таа му е потребна. Но има и една друга конотација за која малку се зборува а тоа е дека дарувањето на крв е добар начин на прочистување на самиот организам, односно создавање на процес за нова свежа крв, која што е поенергетска и повеќе влијае за одржување и подобрување на здравјето на човекот“, велии д-р Ѓорѓиоски.

 

И припадникот на безбедносните сили Сашо Игнатовски, кој има дарувано над 50 пати крв, им препорачува на своите сограѓани да бидат хумани и да спасат човечки живот.

 

„Им порачувам на сите што се двоумат дека не е ништо страшно, убаво е да се спаси живот, да се помогне на некој кој има потреба од тоа и мислам дека сите треба да бидиме хумани и да помагаме кој колку може“, додава Игнатоски.

 

 

 

 

Од Црвениот крст на Прилеп истакнаа дека во секое време имале крв за потребите на болницата во Прилеп и за барања од клиниките во Скопје.

 

„Со години наназад ние ги информираме граѓаните за доброволно дарување и сме задоволни од нивниот одзив. Одзивот на крводарителите е доста голем, а особено им благодариме на овие крводарители кои денеска добија и благодарници. Во соработка на Црвениот крст и станицата за трансфузиологија ние одговараме на сите потреби на граѓаните и се надевам дека и во иднина така ќе продолжиме“, вели Слободанка Стојкоска, Црвен крст Прилеп.

 

Во 2017 во Прилеп имало околу 2.700 дарувања, што било приближно колку и планираните количини, а за оваа година од Црвениот Крст се надеваат дека овие количини ќе бидат зголемени.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien