Македонија најверојатно ќе се пребројува во 2020 година

Пратеничката од редовите на СДСМ, Фросина Ташевска Ременски, вчера ја разбранува јавноста со изјавата дека во тек се подготовки за одржување на вонреден попис во вчерашното гостување на дебатната емисија „Клик плус“ на ТВ21.

 

И владиниот портпартол Миле Бошњаковски потврди дека СДСМ и ДУИ како коалициски партнери се во координација за спроведување попис, но засега нема конкретни информации околу активностите.

 

На тоа коментираа од Државниот завод за статистика велејќи дека немаат никакви информации во врска со тоа и дека подготовки за предвремен попис на населението засега нема.

 

„Досега од владата нема пристигнато никакво известување за одржување на вонреден попис. Заводот во континуитет се подготвува за редовниот попис кој треба да се одржи во 2020 или 2021 година и подготовките течат во најдобар ред. Препораките од Обединетите нации се пристигнати и ги разгледуваме. Очекуваме овој пат пописот да биде извршен во целост“, велат од Државниот завод за статистика.

 

Оттаму исто така информираат дека за наредната година се подготвува пилот проект кој ќе биде спроведен како генерална проба пред редовниот попис.

 

Ве меѓувреме, сè уште остануваат неразјаснети околностите од минатиот неуспешен попис во земјава. Специјалното јавно обвинителство има отворено предмет врз основа на прислушуваните разговори од кои треба да се види дали имало злоупотреба на службената положба, како и евентуална злоупотреба на државни средства при спроведувањето на пописот во 2011 година, кој заврши неславно.

 

Историјат на попишувањата на територијата на Македонија.

 

На територијата на Република Македонија првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население. Постојат руски, француски, грчки и други извори на податоци за попишување на населението во 19-тиот век.

Првиот современ попис на територијата на Република Македонија е спроведен во 1921 година.

По Втората светска војна, во Република Македонија се спроведени 8 пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.

Пописот во 1991 година беше со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада.

Пописот во 1994 година е прв попис во Република Македонија по нејзиното осамостојување.

Пописот во 2002 година е последниот спроведен попис во Република Македонија.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien