Со грант од ЕУ од над 20 милиони евра ќе се подобрува конкурентноста во туризмот

Со грант од Европската унија преку ИПА 2 Програмата во износ од 18 милиони евра и учество на Владата од 3,2 милиони евра ќе се подобрува конкурентноста на туризмот во Македонија. За добивање на овие грантови ќе може да конкурираат општините, невладини организации, туристички капацитети, како и Стопанските комори.

 

Преку Проектот за локална и регионална конкурентност, општините ќе може да добијат милион евра за локален и три милиони за регионслен проект. За микро и малите претпријатија, грантовите изнесуваат до 300 илјади евра.

 

Претставникот на делегацијата на ЕУ во земјава Бертолини вели дека се потребни брзи насоки за да се вклучат сите во проектот. Според него Македонија има голем потенцијал и природни убавини, но за жал земјава се задушува во смет, а туристите кога доаѓаат се губат и не знаат каде да се движат.

 

„Кога дојдов тука и почнав да се шетам, се загубив. Немаше никакви ознаки, а имаше и многу ѓубре. Налетав и на нелегална депонија. Тоа треба да запре, тоа не треба да и се случува на Македонија. Вие заслужувате повеќе и подобро опкружување“, истакна Николас Бертолини.

 

Вицепремиерот Анѓушев одговори дека е свесен за проблемот и оти паралелно со проектот за привлекување на европските пари, владата работела и на проект за справување со сметот, но додаде дека Македонија има проблем со слаби општински капацитети и многу локални самоуправи не можат ниту да ја состават потребната документација.

 

„Некои од нив веќе се подготвени со готови проекти и ќе направиме се за што побргу да влеземе во фаза на имплементација. И предност ќе бидат веќе направените проекти. Оние општини кои немаат капацитет тоа да го направат, во рамки на проектот имаат средства за техничка помош со кои ќе им се помогне да ги направат апликаците“, изјави  Анѓушев.

 

Проектот за локална и регионална конкурентност предвидува општините кои ќе конкурираат сами, да може да добијат еден милион евра или три милиони евра ако настапуваат со прекугранична соработка. Од доделените пари, 90 отсто ќе бидат грант, а 10 отсто сопствено учество на општината. Огласот за аплицирање е отворен од денеска до крајот на април.

 

Во светски рамки, туризмот опфаќа 10 проценти од бруто- домашниот производ. Светска банка го посочува како клучен сектор за економијата.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien