Турската армија завзеде стратешка област во Африн

Facebook
Twitter
Email
Print

Слободната сириска армија, поддржана од турската војска, ја завзеде најважната стратешка област во Африн.

 

Тоа е реонот околу вештачкото езеро Мејданки, од каде Африн и неговата околина се снабдуваат со вода и електрична енергија. Реонот е преземен по жестоки борби во близина на градот Мејданки и е целосно исчистен од терористичките групи. Во операција на турски специјалци и снајперисти преземено е и селото Мухабебе. Повеќе патишта и згради биле уништени при нападот, а околу градот Мејданки се ископани заштитни ровови.

 

Без прекин продолжуваат борбите во правец на градот Африн, кој е речиси целосно опколен од Слободната сириска армија и турските вооружени сили.

 

Според Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, со седиште во Лондон, турската армија синоќа извршила воздушен напад врз главната болница во Африн, при што загинале девет лица.

 

„Се случи воздушен напад врз општата болница во Африн, тоа е единствената голема болница“, истакна Роџат Рот од сириско-курдските Сили за заштита на народот, додавајќи дека воздушните и артилериските напади се уште траат.

 

Турција демантира дека нападнала болница во областа Африн.

 

„Операцијата „Маслиново гранче“ не му наштетува на цивилното население и неговата околина“, напиша турската војска на Твитер.

 

Болнички извор, пак, доцна синоќа потврди дека единствената болница во Африн била мета на жесток напад, а притоа загинале 16 луѓе и десетици се повредени.

 

Истовремено, ОН соопштија дека цивилното население го напушта Африн. Во последните неколку денови над 45.000 лица си заминале од градот. Сириските курдски сили се обидувале да го спречат бегството на цивилите, блокирајќи ги патиштата. Турски авиони фрлале летоци во реонот на Африн, повикувајќи го населението да ги поддржи во борбата против терористите. Текстот бил напишан на турски, арапски и курдски јазик.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи