Ќе се утврдува дали е прекршен законот при продажбата на земјиштето каде се наоѓаше млечниот пазар во Прилеп

Правни експерти работат на утврдување на евентуални прекршувања на законите при спроведувањето на постапката за отуѓување на земјиштето каде што компанијата „Тинекс“ треба да го гради трговскиот центар, на местото од поранешниот млечен пазар или познат уште и како пазар за сирење во Прилеп. Ова го соопштуваат од Општина Прилеп, откако директорот на ЈКП „Пазари“, Кристијан Илиески, на прес конференција истакна дека од купопродажбата на земјиштето ЈКП „Пазари“ нема никаков бенефит туку дека од непознати причини поранешното раководство на „Пазари“ се откажало од млечниот пазар во корист на Општина Прилеп.

 

„Млечниот пазар или пазарот за сирење, првично е продаден на „КАМ ФУД“, но продаден е за коректна цена, односно 25% по вертикала од објектот кога ќе се изгради да му припадне на ЈКП „Пазари“, после тоа е направен уште нов поштетен договор, јас тој договор го немам видено, а со тој договор земјиштето е продадено на „Тинекс“ и ние како ЈКП „Пазари“ добивме нула денари со тоа. Има служби кои се задолжени за тоа и ќе си го најдат крајот на оваа сомнителна продажба. Законски е нормално од 22 до 28%, 25% од објектот е сосема коректно. Јас дури седам на ова столче ќе се залагам тие 25% ЈКП „Пазари“ да ни се вратат. Незнам дали тоа ќе го постигнеме. Сега ние живееме само од закупнина на тезгите и дуќаните“, истакна директорот Илиески.

 

Од Општина Прилеп велат дека земјиштето на кое се наоѓал млечниот пазар и десетината други дуќани, било во сопственост на РМ и со него располагала Општина Прилеп. На првиот тендер распишан во 2013 година, земјиштето со површина од 1.617 м2, за сума од 25 милиони денари го купува „Кам Фуд“. После само неколку месеци „Кам Фуд“ се откажал од изградбата на трговско-деловниот комплекс и повел судска постапка за раскинување на купопродажниот договор.

 

„Во чл.4 од Договорот за отуѓување на градежно земјиште со електронско наддавање склучен со „Кам Фуд“, било предвидено инвеститорот со посебен договор на Општина Прилеп да ѝ префрли површина која не надминува повеќе од 20% од вкупната изградена површина. Конкретно, тоа значи дека Општина Прилеп требало да има 20% од вкупната површина на новоизградениот трговско-деловен центар. Во јануари 2015 бил распишан нов тендер за продажба на земјиштето, а на на 17.02.2015 година потпишан е договорот со „Тинекс“, кој земјиштето со површина од 1.617 м2, го купил за 28.831.110 денари. Од овие пари, идентично како и при првата продажба, 80% одат во буџетот на Општина Прилеп, а 20% во буџетот на РМ. „Тинекс“ прибавил одобрение за градење, меѓутоа новиот сопственик утврдил дека купената парцела ја нема онаа квадратура која тој ја платил, односно нејзината површина била помала од наведената во тендерската документација. Во ноември 2015 кај нотар е склучен анекс на Договорот, каде во чл.2 и чл.3 е наведено дека поради промена на катастарските податоци од геодетски елаборат, со настанување на дигитализација на катастарските подлоги, површината е намалена на 1.479 м2, односно е констатирана разлика од 138 м2. Од тие причини, Општина Прилеп се обврзала на инвеститорот, на „Тинекс“, да му врати средства во износ од 2.460.540 денари“, велат од Општина Прилеп.

 

Неодамна, Општина Прилеп побарала од приватен катастар да изврши премер, за да се потврди дали со дигитализацијата е утврдена вистинската површина.

 

За разлика од првиот договор со „Кам Фуд“, во Договорот за купопродажба на парцелата склучен со „Тинекс“, никаде не било спомнато дека со Општина Прилеп ќе се склучи договор со кој на општината ќе ѝприпаднат 20% од изградениот објект.

 

„Општина Прилеп издала Одобрение за отстранување на објектите, бидејќи согласно Законот за градежно земјиште, на тендер може да се продава само градежно неизградено земјиште. Но и во договорот со „Тинекс“, исто како и во претходниот со „Кам Фуд“, стои клаузулата дека инвеститорот е тој кој треба да ги отстрани објектите, што значи дека тендерот бил распишан спротивно на Законот за градење, каде е предвидено на тендер да се продава само градежно неизградено земјиште. На 12.02.2015 година од страна на службено лице направен е записник, односно извршен е увид на лице место и констатирано е дека е почнато со расчистување на постојните градби и дека до тој ден биле расчистени околу 70% од нив. Тоа, според толкувањето на правниците од локалната самоуправа, значи дека и двата тендера биле распишани спротивно на Законот за градење“, додаваат од Општина Прилеп.

 

Од Општина Прилеп велат дела сега се испитувало дали во целиот процес е прекршен законот и дали некој ќе сноси одговорност.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи