Алексис Санчез незадоволен во Јунајтед, се повторува приказната со Ди Марија

Трансферот на Алексис Санчез во Манчестер Јунајтед беше пречекан со огромен ентузијазам од навивачите на тимот, кои го прифатија договорот како директна победа над градскиот ривал Манчестер Сити.

 

Но Чилеанецот, кој е најплатен играч на „Островот“ со неделна плата од околу 600.000 фунти, прикажува очајни партии и е само бледа сенка на фудбалерот кој беше главна ѕвезда на Емирати. Тој постигна само еден гол на десет натпревари за „црвените ѓаволи“, а последниот меч во Фа Купот го помина на клупата за резервни фудбалери.

 

Покрај тоа, поранешниот играч на Арсенал на неколку пати влезе во центарот на вниманието со негативни рекорди во однос на тоа колку често ја губи топката во рамките на една средба.

 

Денешното издание на „Дејли Мејл“ вели дека ваквиот развој на настаните ги загрижува лидерите на Манчестер јунајтед кои стравуваат дека Алексис Санчез би можел да ја доживее судбината на Анхел Ди Марија и да се покаже како големо промашување.

 

Ди Марија беше купен од Реал во 2014 година за рекордни 59,7 милиони фунти од страна на англискиот клуб. По лошата сезона во Англија, тој беше продаден на Пари Сен Жермен за 44 милиони евра.

 

Според „Дејли Мејл“ штабот останал многу изненаден од тоа колку изолиран е Чилеанецот, кој не вложува доволно напори да се интегрира во новата средина. Еден пример е неговото однесување во кантината од тренинг-базата, каде што Санчез обично јаде сам, подалеку од соиграчите.

 

„Алексис е тип на човек кој не сака да биде тука. Работите не изгледаат добро, тој личи на момче кое се изгубило. Со Ди Марија беше истото“, вели извор од клубот

 

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо сепак е уверен дека играчот со највисока плата во Премиер лигата ќе ги покаже своите вистински квалитети наредната сезона.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien