ВИДЕО – Думбалоски : Ништо нема да ме спречи и понатаму да ги бранам работничките права

Претседателот на Регионалниот одбор на СОНК во Прилеп, Златко Думбалоски, денеска истакна дека ништо нема да го спречи и понатаму да ги брани работничките права на членовите на СОНК од Прилеп на кои незаконски не им биле продолжени договорите за работа после 31.12 во дел од детски градинки и основни и средни училишта во Прилеп. Оваа реакција следува по пресот на СДСМ на кој Думбалоски беше обвиинет дека е член на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

Реакцијата на Думбалоски ја пренесуваме во целост.

 

„Во врска со изјавите дадени од Филип Попоски, претставник на општинската организација на СДСМ Прилеп, а по повод мирниот Протест на членови на СОНК на кои незаконски не им беа продолжени договорите за работа во дел од детски градинки и основни и средни училишта во Прилеп, како Претседател на Регионалниот одбор на СОНК од Прилеп ја давам за јавноста, следнава изјава:

 

Споменатиот господин со дадената изјава пред медиуми направи грубо кршење на повеќе членови од Уставот на Република Македонија, Законот за работни односи, повеќе Колективни договори, како и меѓународни конвенции, со кои е гарантирано правото на слободно синдикално организирање и синдикални активности, вклучително и правото на изразување на јавен протест;

 

Нападите изречени директно врз мене, споменувајќи ме по име и презиме, со посочување на мои граѓански активности, кои ми се гарантирани со Уставот на Република Македонија, како и со Повелбата на Организацијата на Обединетите Нации за човекови права го покажува дното на пресметана нетолеранција на најосновните човекови и граѓански права. Уште повеќе што се изречени од човек кој јавно кажува дека е претставник на политичка партија и да негира на друг граѓанин во Република Македонија дека не смее да има право на присуство на активности. Треба ли тоа да го сфатиме дека без дозвола на него и неговата политичка партија не смее да се користи основното граѓанско право.  Ова уште повеќе е за жалење ако се има предвид дека претставникот по вокација е правник;

 

Ја користам приликава и уште еднаш јавно да изјавам дека никакви притисоци и манипулации кои се граничат со кривично дело, нема да ме спречат, нити заплашат и понатаму цврсто да стојам во одбрана на работничките права на членовите на синдикатот во кој долги години сум член и секогаш исклучиво во одбрана на законските и права од Колективни договори, а никогаш во одбрана на никакви политички интереси без разлика на која партија и да е“, истакна Думбалоски.

 

 

Претходно на прес конференција од СДСМ истакнаа дека било лицемерно Думбалоски да се претставува како бранител на правата на работниците.

 

 

 

 

Прес конференцијата на СДСМ ја пренесуваме во целост.

 

„Синдикалната организација СОНК, на чие чело се уште стои Јаким Неделков, никако да се оттргне од партиското влијание на ВМРО-ДПМНЕ. Во повеќе наврати предупредувавме дека регионалниот координатор на СОНК во Прилеп, е кадар на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и посочувавме на неговата партиска улога.

 

Златко Думбалоски, не ја крие својата партиска припадност, за што постојат повеќе слики каде тој присуствува на партиски средби, состаноци и собири на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Чии интереси брани Думбалоски, на самостојниот синдикат, којшто треба да е независен и  непартиски, или на ВМРО-ДПМНЕ? На работниците, или на партијата?

 

И наместо да биде отпуштен од синдикатот заради неговото учество на партиски средби на ВМРО-ДПМНЕ, лицемерно и без ниту малку срам Думбалоски сега се претставува како бранител на правата на работниците на коишто им завршиле договорите за работа во училиштата и градинките на 31.12.2017 година.

 

Каде беше Златко Думбалоски да организира протест и да бара од поранешната локална власт на чело со Марјан Ристески да им го реши статусот на овие работници, наместо да ги остава на договори?

По какви критериуми Златко Думбалоски и неговата сопруга се вработени во иста образовна установа, Основното училиште „Добре Јованоски“, по партиска или по стручна?

 

За разлика од претходните 12 години власт на ВМРО-ДПМНЕ, кога партиските „тевтерчиња“ и списоци беа единствен услов за вработувања, денес институциите работат независно и професионално. Денес, институциите ангажираат работен кадар исклучиво врз основа на квалитет, професионалност и стручност.

 

Ги охрабруваме СОНК и сите останати синдикатите да се ослободат од партиската спрега. Само силни и независни синдикати, отпорни на партиски притисоци и влијанија, можат реално да ги бранат интересите на работниците и граѓаните“, рече Филип Попоски, портпарол на О.О. СДСМ Прилеп.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien