Растрошните министри го засенија „успехот“ со просечната плата

Facebook
Twitter
Email
Print

Владиниот отчет откри дека добар дел и од оваа политичка гарнитура оди по стапките на претходната. Граѓаните се револтирани, експертите бараат одговорност.

 

Граѓаните одвај врзуваат крај со крај, а членови на Владата се луксузираат со државни пари. Промената на власта го донесе најавуваниот отчет за трошоците на државните функционери кој откри дека добар дел и од оваа политичка гарнитура оди по стапките на претходната. За половина година, според објавените податоци, се изеле и испиле 180.000 евра. Или, за периодот јуни-декември 2017 година извршната власт дневно во ресторани и кафулиња трошела во просек по околу 1.300 евра. Граѓаните се револтирани:

 

„Ја слушам Владава како се фали дека се зголемила просечната плата, а во исто време гледаме како таа сума, за која некој макотрпно работи цел месец, одредени господа министри ја трошат на едно седнување во кафеана. И тоа на грбот на истиот тој народ. И уште ги слушаме како се жалат. Па ова го нема никаде“, реагира Никола жител на скопската општина Карпош.

 

Владината алатка за отчетност, според експертите, е за поздравување. Но она што загрижува е што и натаму добар дел од политичарите во Македонија кога ќе дојдат на власт веднаш се губат или забораваат на реалноста во државата. Дел од нив критикуваат за низок праг на морал и бараат одговорност:

 

„Моралната димензија на тоа однесување практично и не постои. Општото добро се доживува како сечие и ничие. Не постои морална одговорност. Тие корени ги влечеме уште од социјалистичките времиња. И да немаме илузии – човечкиот материјал е ист, не постојат големи разлики дали станува збор за оваа или онаа партија. Затоа е многу важно овие работи да се знаат и да се стигматизираат и да бидат предмет на осуда, што како што гледаме еве сега и се случува“, коментира социологот Илија Ацески.

 

Тој предупредува дека никако не смее да се дозволи овие работи да се релативизираат од аспект „повеќе правеа претходните, а ние сега помалку“. Клучно, според него, е да се создадат механизми кои ќе обезбедат и одговорност:

 

„Ова е алатка која ја добиваме од владата која ветуваше дека сѐ ќе биде јавно и отчетно, но сега треба да се оди до крај. Потребна е максимална транспарентност за тоа како се трошат буџетските средства. Оти видете, некој можеби не потрошил денар во кафеана, а направил огромна штета или злоупотреба по други основи. Потребни се правила, но и санкции. За конкретниве случаи е проблем што нема критериуми за санкционирање, освен министерот сам да си се казни. Но треба да се реагира. Од партиите кои ги претставуваат да дојде осуда, па потоа и од Владата. Оти во спротивно се испраќа лоша порака во јавноста“, реагира Ацески.

 

Статистика и политика

 

Дебатата за трошењата на владините функционери ескалира во период кога Владата се пофали дека за првпат просечната плата во Македонија надминала 24.000 денари. Во вакви услови, дел од упатените предупредуваат дека е безмалку иронично владата да се фали и да го претставува како голем успех овој статистички податок. Посебно ако се има предвид фактот дека најголем дел од вработените оваа сума воопшто и не ја заработуваат во месецот:

 

„Просечната плата во едно класно раслоено општество како Македонија е една голема илузија. Реалноста е дека дури 80% од вработените таа плата не ја земаат, туку имаат потпросечни примања. Растот на просекот е поради зголемениот минималец кој државата го субвенционира, но и порастот на бројот на богатите и отсуството на јасни податоци за најголемите плати”, предупредува Здравко Савески, член на „Левица“ и активист за работнички права.

 

Затоа, според него, е многу важно во Македонија да се утврдува средна плата, но тоа статистиката одбива да го прави:

 

„Имаме ситуација каде огромен процент на населението мисли дека просечната плата е средна плата, но тоа не е така. Средната плата е доста пониска и не ја објавуваат, бидејќи податоците ќе предизвикаат огромен револт кај населението. Тоа се утврдува многу лесно, но од Статистика велат дека тоа не се правело бидејќи не било препорака на Евростат. Но причините за тоа не се статистички, туку се чисто политички“, реагира Савески.

 

Најмногу трошат министрите на ДУИ

 

Колку просечни плати изеле и испиле владините министри може многу лесно да се пресмета од електронската алатка која им ги брои парите на државните функционери. Најголеми трошаџии се министрите на ДУИ. Предничи Крешник Бектеши кој раководи со ресорот економија. Низ угостителските објекти тој потрошил 14.000 евра народни пари. Нешто поскромен бил вицепремиерот Бујар Османи со 13.000, односно Биљан Салији, министерот за правда кој си поднесе оставка, кој испил и изел 12.000 евра. Од редовите на СДСМ најмногу пари потрошиле министрите за култура и за земјоделство – Роберт Алаѓозовски 9.000, односно Љупчо Николовски 7.000 евра. Најскромни биле министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот колега од транспорт и врски Горан Сугаревски, кои потрошиле по само 500 евра.

 

Од владата велат дека трошењата на министрите се законски одобрени за функцијата која ја извршуваат. Министерот за  финансии Драган Тевдовски смета дека јавното објавување на потрошените средства ќе изврши притисок врз функционерите да ги намалат непродуктивните трошења. Тој смета дека треба да постои лимит на службените платежни картички.

 

„Ние како влада велиме – не. Дека не треба да постојат такви непродуктивни трошоци како што постоеја во минатото. А за лимити, апсолутно, треба да има“, изјави Тевдовски.

 

За разлика од сегашната влада, во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ јавноста немаше увид како и за што државните функционери ги трошат народните пари. Промената на власта откри скандалозни информации и еден куп индиции за злоупотреби и криминал со државни пари за што во тек се десетици судски случаи против поранешни функционери, бизнисмени и јавни личности.

 

Извор: ДВ

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи