ВИДЕО – Вработените во „Еурокомпозит“ повторно го блокираа патот Прилеп – Скопје

До кога ќе траат лагите на оваа Влада не знаеме. Неколку пати досега вице-премиерот Анѓушев ни ветуваше дека ќе ги смени директорите, но тоа не се случи. Со овие ставови излегоа вработените од прилепски „Еурокомпозит“ кои денеска повторно го блокираа патот Прилеп – Скопје, во траење од 2 часа. Велат дека иако неколку пати добивале ветување за ова од вице-премиерот Анѓушев, тоа не се исполнило. Сега потенцираат дека ќе продолжат со блокадите сè до смена на директорите.

 

 

„Единствено барање ни беше смена на директорите за кои се зборуваше дека имаат направено криминал. Не баравме ниту поткревање на плата, ниту подобрување на условите за работа, кои ги немаме“, вели Цветан Бунтески, вработен во „Еурокомпозит“.

 

„Вице-премиерот Анѓушев се нафати да работи во Владата без пари, платата ја донирал за сиромашните. Е сега и нас сака да не натера да работиме без пари. Па ако сака така тој има капитал од 28 милиони евра, 5 нека даде во фирмава и да почнеме од почеток“, кажа Жарко Талески, вработен во „Еурокомпозит“.

 

За повторно излегување на протести пресудно беше тоа што претходно 10 мина од синдикалниот одбор добија решенија за суспендирање, а директорот Кузески истакна дека решенијата ги добиле поради тоа што го нарушувале работниот ред и дисциплина. Поради оваа одлука сите 260 вработени се солидаризираа со синдикатот и ја прекинаа работата, обвинуваат за притисоци.

 

„Суспендирани сме поради тоа што дадовме изјава надвор од кругот на фабриката. Пред тоа го замоливме директорот да ги пушти новинарите во кругот, но тој не ни дозволи“, рече Трајко Илиоски, вработен во „Еурокомпозит“.

 

Пред да се ескалира состојбата во „Еурокомпозит“ вработените добија по една републичка просечна плата ии ветување дека проблемот ќе им се реши во рок од 6 месеци.

 

Доколку не се исполни барањето за смена на директорите од утре вработените најавуваат зголемување на времетраењето на блокадата на патот Прилеп – Скопје.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien