Амбасадорите Герет, Бејли и Пломп во еко акцијата „Исчисти и твитни“

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, амбасадорот на Велика Британија Чарлс Гарет и американскиот амбасадор Џес Бејли, денес на кејот на Вардар зад Луна Парк го чистеа расфрланиот смет од кејот и на брегот на реката Вардар, во рамки на еко акцијата „Исчисти и твитни“, која трета година по ред ја организира амбасадата на Кралството Холандија заедно со компаниите „Пивара скопје“ и „Пакомак“.

 

Тие самоиницијативно се пријавиле да учествуваат во еколошкиот проект. Во неа покрај амбасадорите учествуваа и 70 вработени на Пивара Скопје, а чистеше и вицепремиерот Бујар Османи.

 

Годинешната акција е воедно и дел од активностите за одбележување на „Денот на Кралот“ – националниот празник на Холандија.

 

„Се радувам што оваа година имавме можност да го одбележиме нашиот голем национален празник и со ваква акција. Го споивме убавото со корисното и уште еднаш се обидовме да го дадеме својот придонес за намалување на загадувањето кое е голем проблем за луѓето и за природата. Единствен ефикасен начин за трајно надминување на овој проблем е повеќе работа, посветеност и соработка меѓу јавниот сектор, компаниите и граѓаните. Со нашиот денешен ангажман сакаме да покажеме дека секој од нас може да даде личен пример за другите и да го поттикне решавањето на кој било проблем“, истакна холандскиот амбасадор Ваутер Пломп.

 

Британскиот амбасадор Гарет пак кажа дека кејот на Вардар е многу убаво место за рекреација, но кога има ѓубре тоа чувство се намалува.

 

„Денес има акција за чистење на ѓубрето и се надевам дека до вечерва местото ќе биде поубаво. Треба да се однесуваме малку поинаку, луѓето да го земат ѓубрето со себе и да го однесат дома и да го фрлат во кантите за отпадоци. Сите имаме одговорност убавите места да не ги нагрдуваме, и граѓаните и локалните власти“, кажа амабасадорот Гарет.

 

Од амбасадата на САД истакнаа дека акциите како оваа се дел од американската традиција и се одличен начин да се собере заедницата во корист на заедничка цел.

 

Османи, пак, на Фејсбук напиша дека сме на добар пат кон ЕУ и крајно време е да почнеме малку повеќе да се грижиме за нашата средина.

 

„Иницијатива која ја гледам повеќе како поттик за повеќе вакви акции, како и други активности, со кои ќе влијаеме на нашата свест дека нашата средина, нашата околина е наша обврска. Човек ќе се подготвува за матура, за роденден, свадба, па ќе се потшиша, ќе се дотера, ќе подзачисти, за тоа како да имаме вградено личен срам, ама како да ни недостасува малку одговорност и срам кога се движиме во валкана средина, како таа да не е наша обврска, како да не е наша одговорност. Ние сме на добар пат да влеземе во ЕУ, и крајно време е да почнеме малку повеќе да се грижиме за чистотата на нашата средина“, напиша Османи на Фејсбук.

 

Во претходните две еко акции се собираше сметот на кејот на Вардар и од Езерото Матка, а неколку години порано амбасадата на Холандија организираше и акција за чистење на Маврово.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien