ВИДЕО – ВМРО – ДПМНЕ : СДСМ прави пародија од Советот, прво ги поскапе, а сега ги врати старите цени за услугите на пазарите

На денешната седница на Советот на Општина Прилеп видовме како СДСМ нема ниту капацитет ниту знае како да владее на локално и централно ниво. На денешната седница советниците гласаа за поништуање на одлуките кои самите ги донесоа на претходната седница. Ова го истакна координаторот на советничката група предводена на ВМРО-ДПМНЕ, по завршувањето на денешната 13 седница на која советниците на СДСМ по барање на градоначалникот ја повлекоа донесената одлука на претходната седница за поскапување на тезгарината на дисперзираните пазари и за поскапување на услугите за продажба на земјоделски производи од камиони.

 

 

„Имено на претходната седница, ние како советници од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија, со аргументи им се спротивставивме за донесувањето на одлука за поскапување на цените за давање на закуп на тезги на дисперзираните пазари во градот, од страна на ЈКП Пазари. Но тогаш, директорот и советниците не ги послушаа нашите аргументи и ставови и изгласаа одлука за поскапување од цели 500% на нивните услуги. Имено, од 500 денари на 3.000 денари . ВМРО-ДПМНЕ одржуваше прес-конференции, контактираше со граѓаните и со засегнати лица и на оваа седница гледаме, под притисок на јавноста, градоначалникот донесе решение за повлекување на претходната одлука, која советниците на СДС на минатата седница ја донесоа. Значи ова е апсолутно неконзистентно и правење на циркус од Советот на Општина Прилеп. Уште не стапена одлуката на сила, тие сега ја поништуваат, не сакајќи да ги слушаат добронамерните сугестии и аргументи од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Со ова како што кажав, се покажа дека ниту имаат концепт, ниту знаат како да владеат на локално и централно ниво“, истакна Ристески.

 

Тој додаде и тоа дека во државата и Прилеп владеел голем непотизам.

 

За само 6 месеци на локално и нецела година на централно ниво тие ја клекнаа на колена државата. Нема проекти, нема 500 евра плата, нема повисока социјална помош, нема 100.000 денари плата за лекарите, нема ништо. Само лаги и лицемерие. Има едно нешто, има непотизам, се вработуваат блиски роднини и пријатели на функционерите на СДС, има вработување по партиски клуч и ништо друго“, потенцираше Ристески.

 

Според Ристески оваа власт морала што побрзо да си замине и да дојде власт на чело со ВРМО-ДПМНЕ, која знаела како се работи во интерес на граѓаните и како се работи во интерес на градот и државата.

 

„Се со цел да си задржиме поубав град и да си ја зачуваме државата, бидејќи во изминатиот период се донесе неквалитетен закон со Република Бугарија, се донесе закон за двојазичнот и сега се работи на разнебитување на името и националните интереси. ВМРО-ДПМНЕ ова не го поддржува, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш јасно и гласно кажува дека не поддржува промена на устав со цел промена на уставното име и секако и секогаш ќе бидеме на браникот за зачувување на македонскиот идентитет“, додаде Ристески.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи