Приватните специјализанти со отворено писмо до Заев: Плата земаат само селектиран број на специјализанти

Facebook
Twitter
Email
Print

Повеќе од 90 приватни специјализанти кои се запишани на последниот јануарски конкурс остануваат без како што велат ветената плата од 26.000 денари, односно не се планирани во буџетот за исплата на плата.

 

Тие испратиле писма и до министерот за здравство Венко Филипче и до Фондот за здравство од каде што бараат да не бидат дискриминирани, туку и тие да земаат плати како сите други специјализанти.

 

Денес тие испратија и отворено писмо до премиерот Заев со цел решавање на нивниот проблем. Писмото е проследено со список од 71 потписи на приватни специјализанти со барање за исплата на плата.

 

Писмото го пренесуваме во целост.

 

„Во јавноста веќе подолго време се пласираат информации околу решавање на економскиот статус на специјализантите. Ова прашање е особено сензитивно сега, во време кога се повеќе млади доктори ја напуштаат државата во потрага по вреднувањето кое го заслужуваат. Но, и покрај недостатоците на нашиот систем, сé уште има млади ентузијасти кои сакаат да останат во својата земја и својот професионален пат да го продолжат во Македонија.

Минималните трошоци, кои секој специјализант ги покрива за една приватна специјализација чинат помеѓу 8000 и 13 600 евра. Специјализациите во просек траат 5 години за време на кои дипломиран доктор специјализант не прима никаков паричен надоместок за својата работа.

Но дали Министерството за здравство вистински се труди да не задржи дома или повторно се повторуваат грешките од минатото за деградација и фрустрација на иднината на медицината на Македонија?

Имено, на седницата на собранието официјално од страна на министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче беше соопштено: “Го исполнивме ветувањето и за исплата на приватните специјализанти. Сите оние кои досега работеа за без пари, за месец март ќе бидат исплатени со просечна плата на здравствен работник”. Според ова, исплатата на плати би требало да важи за сите приватни специјализанти.

Од информациите што ги добивме од Министерот и Министерството за здравство, една третина од околу сто доктори на приватни специјализација неправедно се исклучени од земањето на плата. Имено, долгоочекуваното решение за овој горлив проблем за специјализантите од страна на Министерството е исплата на плати само за селектиран број на приватни специјализанти.

Се наметнува прашањето, кои се докторите кои ќе земат плата? За исти потпишани договори различно се вреднува трудот на докторите кои приватно специјализираат под исти услови на Клиниките и Институтите во Скопје. Цела генерација од речиси 100 доктори е изоставена од ова право на исплата на плата за вложениот труд на Клиниките. Форсирањето за исплата на парични средства само за одредена група доктори е дискриминаторско. Ваквото решение претставува девалвација на трудот и личноста на докторите кои решиле останат во татковината!

И покрај остварените средби со Министерот и работната група во Министерството со цел изнаоѓање на конструктивно решение за сите приватни специјализанти, оттаму не нудат конкретно решение на овој проблем.

Вреднувањето само на одделни доктори на приватна специјализација е комплетно неправедно и би можело да служи како понатамошен поттик за продолжување на својата кариера во земји каде што истите ќе бидат вистински ценети.

Плата мора да има за сите приватни специјализанти…Друга опција не прифаќаме!

Во име на онеправданите приватни специјализанти, но најмногу во името на правдата, ВЕ МОЛИМЕ, да ја искористите Вашата позиција и да овозможете правичност и еднаквост за сите доктори на приватна специјализација. Сé што бараме е уште една можност за да се исправат грешките и да ставите крај на деградацијата на докторската фела.“, стои во отвореното писмо.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи