ВИДЕО – Во среда се вози 48 роденденска Критична маса

Утре се вози 48. Критична маса, која што е и роденденска. Повеќе на оваа тема, но и за вело-културата во Прилеп поразговаравме со дечките од ПрилепНаТочак, Даме Димески и Борче Колароски.

 

 

Даме, кажи ни какви се плановите за утрешната роденденска критична маса?

 

Како што кажа, утре ја возиме 48. Критична маса, тука славиме четврт роденден. Темата ни е „Да се преброиме колку сме, повелете на роденден“. Имаме смислено агенда, во 19 часот се собираме пред камената бина кај споменикот Александар Македонски, потоа се движиме низ улиците низ градот и на крајот завршуваме со журка во Тејк Фајв, каде имаме и неколку музички групи, Д Хоундс со неколку свои нумери и Децата со наочарите. Како гостин утре го очекуваме амбасадорот на холандската амбасада, господинот Волтер Пломп, така да се надеваме дека ќе биде доста интересно и ќе има доста добра програма.

 

Холандскиот амбасадор доаѓа на ваша иницијатива?

 

Да, уште ланска година го исконтактиравме амбасадорот. Тој на жалост не беше во можност на претходниот роденден да присуствува и рече дека во некоја наредна прилика би сакал да дојди и да учествува на некоја Критична маса во Прилеп. Почекавме една година, го поканивме повторно за роденденската и тој ја прифати поканата со задоволство.

 

Борче кажи ни што е Критична маса, што претставува?

 

Критична маса претставува движење кое се одржува во над 300 градови во светот. Од пред 4 години, како што кажа и Даме, е формирана и ПрилепНаТочак и Критична маса започнува да се вози и во Прилеп, покрај тие повеќе од 300 градови во светот. Инаку Критична маса претставува неформално здружување на луѓе што го користат велосипедот како превозно средство и целта на возењето на Критичната маса е да се зголеми свеста за велосипедот како превозно средство, да се мотивираат повеќе луѓе да го користат велосипедот секојдневно како превозно средство, но исто така целта е и да се мотивираат одговорните лица кои што се задолжени за инфраструктрура, сообраќај и слично да обезбедат подобри услови за функционирањето на велосипедот. Знаеме дека велосипедистите се соочуваат со повеќе проблеми насекаде низ светот, така и кај нас, пред сè со недоволна инфраструктура, недоволни велосипедски патеки, необележани, неозначени велосипедски патеки. Исто така тука мора да се напомене и почитта што треба да ја заслужат оние кои се на велосипед, од оние поголемите во сообраќајот, како автомобили и слично. Така да Критична маса како движење е неформално движење, нема водичи, едноставно повеќе луѓе собрани на точак возат во исто време на исто место, со цел за да биде видливо, да се виде едноставно дека постојат луѓе што возат точак во местото каде што се одржува.

 

 

Како што кажавме Критична маса полни 4 години, дали работите се мрднати од некоја точка?

 

На почеток пред 4 години сосема случајно се оформи оваа иницијатива, пред сè преку социјалните мрежи. Тоа беше како почеток многу тешко, но сега еве веќе 4-та година и критичните маси се побројни, имаат поголема тежина. Исто така морам да напоменам дека конкретно во нашиот град зголемена е свеста на учесниците во сообраќајот, конкретно автомобилите имаат повеќе трпение во споредба со претходните возења, бидејќи ова 48-мо возење доста се разликува од 10-тото или 25-тото возење, каде што наидувавме на препреки од учесниците во сообраќајот. Во поглед на возењето на велосипед, Прилеп важи за место каде се вози повеќе велосипед во државава, како секојдневно, така и рекреативно. Во поглед на инфраструктура, подобрување во поглед на тие работи не сме задоволни од тоа што е постигнато. Значи многу мали промени, речиси невидливи промени има и во иднина треба да се свати значењето на велосипедот во градот и навистина треба да се работи на подобрување на условите за движење со велосипед во Прилеп.

 

Каква е соработката со институциите, постои ли?

 

Соработката се уште не е развиена на начин на кој што треба да биде развиена. Ние упатуваме апели, пред сè на оние постоечки вело-патеки да се означат и да добијат сообраќајни знаци, бидејќи Прилеп како Општина е единствена општина од поголемите 10 градови во Македонија каде што буквално не постои сообраќаен знак за велосипедска патека. Во тој поглед  мора многу да се направи и тоа во што поскоро време.

 

Даме кажи ни какви се идните планови на ПрилепНаТочак?

 

Како што кажа Борче, се надеваме дека во иднина ќе имаме подобра соработка со институциите и очекуваме дека ќе бидеме повикани за разрешување на инфраструктурните проблеми, во поглед на вело-инфраструктурата. Но не мора да биде само вело-инфраструктурата, нека биде  и целокупната сообраќајна инфраструктура. Стоиме на располагање, имаме конкретни решенија, имаме познавање на проблемите кои се случуваат во градот, можиме да излезиме во пресрет на било кој.

 

Се ближи и јубилејната 50-ка. Дали можеби имате некои планови за тоа?

 

Сè уште немаме размислувано, но 3-ти јуни е прогласен за светски Ден на велосипедот, па можиме нешто околу тоа да најавиме, дека ќе имаме мало собирање, ќе направиме мала Критична маса, пак ќе продефилираме низ градот во почит на Денот на велосипедот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien