Леброн рушеше рекорди, сепак Голден Стејт поведе во финалната серија со 1-0

Синоќа се одигра првиот натпревар од финалето во НБА лигата, каде тимовите на Кливленд Кавалирс и Голден Стејт Вориорс ги одмерија силите. Мечот донесе многу возбуда, отиде во продолженија но сепак екипата од Голден Стејт се израдува на победата.

 

Тимот на Голден Стејт Вориорс го совлада тимот на Кливленд Кавалирс преку продолженија, со резултат 124:114 и поведе со 1-0 во финалната серија.

 

Последната минута во „Оракл арена“ беше материјал за филмско сценарио. Прво, на 36 секунди до крајот, арбитрите досудија кош со дополнително слободно фрлање за Леброн Џејмс, но ситуацијата беше спорна, па мораа да гледаат повторена снимка. На крај излезе дека го поништија кошот на Леброн и наместо тоа му доделија две слободни фрлања на Кевин Дурент, со кои изедначи на 104-104.

 

Леброн уште еднаш погоди за водство, а потоа следуваше кош со дополнително слободно фрлање за Кари и предност на Вориорс од 107-106. Врвот дојде на пет секунди до крајот, кога Џорџ Хил доби слободни фрлања. Првото го погоди, второто го утна, топката дојде до Џеј-Ар Смит, но тој наместо да шутира од непосредна близина, се оддалечи од рекетот и бадијала го потроши времето.

 

 

Во продолжението од мечот, Голден Стејт казни, направи серија од 9-0 и славеше со 124-114 за водство од 1-0.

 

Леброн Џејмс направи сѐ што можеше за да му даде шанса на тимот на Кливленд за победа во овој натпревар. „Кралот“ имаше историска партија, одигра 47 минути и стана првиот играч кој во финале забележал учинок од 51 поен, 8 асистенции и 8 скокови. Исто така, оп 1970 па наваму, Леброн Џејмс е само вториот кошаркар по легендарниот Мајкл Џордан кој успеал да постигне 50+ поени во натпревар од финалната серија во НБА. Тој исто така надмина уште еден рекорд на Џордан постигнувајќи барем 30 поени на 109 меча од плејофот. Сепак единствениот играч кој му понуди било каква поддршка беше Кевин Лав, кој со 21 поен и 13 скока забележа еден од ретките добри финални натпревари во неговата кариера.

 

Тимот на Голден Стејт Вориорс беше предводен од Стеф Кари, кој го заврши мечот со 29 поени, 6 скока и 9 асистенции, а близу до трипл-дабл беше Дрејмонд Грин, кој забележа 13 поени, 11 скока и 9 асистенции. Кевин Дурант заврши со 26 поени, но ја отежна работата на неговиот тим поради тоа што играше неодговорно и неефикасно во нападот, шутирајќи со само 36% успешност од поле.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien