Филипче најави осум централни лаборатории за крв

Министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција во Владата го претстави новиот систем на функционирање на 8 централни лаборатории, наместо претходно најавените 12. Според министерот, новиот систем ќе значи подобра услуга за граѓаните.

 

„Вкупно ќе има осум централни лаборатории од кои две во Скопје, една на Клинички центар, другата во ГОБ „8 Септември“, по една во Куманово, Штип, Тетово, Охрид и Струга“, објасни Филипче.

 

Министерот за здравство истакна дека со овој начин на функционирање на лабораториите ќе се заштедат неколку милиони евра. Тој рече и дека ќе се намали бројот на апарати за анализи на крв од сегашните 300 на 120 и ќе се намалат и потребните количества реагенси.

 

Според најавите на министерот Филипче пациентите нема да бидат оштетени, во нивните места на живеење ќе им се прават анализи кои досега не се правеле и ќе се праќаат во централните лаборатории, а во Скопје резултатите ќе се земаат истиот ден. Транспортот е вкалкулиран во цената и е должност на фирмата која ќе го добие тендерот.

 

„За итни случаи резултатите ќе бидат истиот ден, доколку нема итност резултатите ќе бидат следниот ден“, рече Филипче.

 

Вработените, по најавите за централизирана набавка на реагенси, реагираа за најавените промени, бидејќи стравуваат за своите работни места. Но, Филипче на прес-конференцијата во Владата рече дека ниту еден здравствен работник во лабораториите нема да биде отпуштен и дека и со новиот систем ќе има работа за сите, но можни се префрлања на работните места.

 

Наспроти стручната фела која тврди дека ваквиот начин на централизација ќе не врати 50 години назад, министерот смета дека на овој начин здравството ќе заштеди, а министерството ќе ги има под контрола сите лаборатории.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien