Анѓушев: Енергетиката е круната на економијата

Facebook
Twitter
Email
Print

Енергетиката е круната на целата економија и е крвотокот на економијата во секоја држава, порача вицепремеирот за економски прашања Кочо Анѓушев на првиот Македонски енергетски форум 2018 што денеска и утре се одржува во Струга во организација на АД ЕЛЕМ на кој учествуваат повеќе од 200 учесници од 18 земји.

 

„Владата од самиот почеток беше посветена како да ги реши проблемите во енергетиката кои ги наследивме. За таа цел од вчера стапи на сила новиот Закон за енергетика со кој ќе се даде повеќе простор за работа на сите енергетски компании и ќе  овозможи да работат и стопанисуваат на пазарна основа“, рече Анѓушев вообраќањето на форумот.

 

Механизмот на конкурентност, додаде, нуди можности и услови, граѓаните и компаниите да добијат најниска цена на пазарот.

 

„Конурентноста отвора простор да победат најдобрите компании. Сите компании кои се занимаваат со енергетика да бидат мотивирани и да применат корпоративно управување“, рече Анѓушев.

 

Презентирајќи го новиот закон пред присутните, вицепремиерот ги охрабри енергетските компании да ги препознаат можностите што ги нуди со што ќе овозможат раст на македонската економија. Република Македонија, според него, е комплетно енергетски зависна земја.

 

„Немаме извори на нафта и гас, единствено имаме производство само на електрична енергија, јаглен и други енергенси како дрва, биомаси, но тоа е мал дел од енергетскиот систем“, рече Анѓушев.

 

Покрај производството на електрична енергија земјата, додаде тој, годишно увезува меѓу 30 до 40 отсто од своите потреби за електрична енергија што, како што нагласи, може да се надмине со ставање на сите енергетски капацитети во функција.

 

„Како енергенс неограничено го имаме сонцето, но за жал досега имаме имплементирано само 16  мегавати фотоволтаици во државата. Законот овозможува светска пракса, а тоа е премиум тарифи, односно да се инсталираат неограничен број мегавати фотоволтаици, а државата да одреди свое земјиште за да ги намали трошоците на инвеститорите и да ги заврши сите државни работи како урбанизација пренамена на земјиштето и да го подготви за инвеститорите за 200 мегавати фотоволтаици.  Ќе работиме на изградба на нови ветерни електрани и хидроелектрани. Со овие проекти очекуваме значително  да се зголеми производството на електрична енергија во државата и да го намалиме увозот“, појасни Анѓушев.

 

Во однос на инфраструктурата, оцени дека Македонија е добро поврзана и оти останува уште врската со соседна Албанија за која се обезбедени средства преку кредит од Европската банка за обнова и развој,  чиј тендер ќе биде распишан во септември.

 

„Со ваквата активност во енергетиката ќе направиме стабилен енергетски систем и ќе станеме поконкурентни, ќе го зголемиме домашното производство, а со тоа ќе ја намалиме зависноста од увоз на електричната енергија“, рече Анѓушев.

 

Говорејќи за гасификацијата и обезбедувањето природен гас, нагласи дека Македонија зависи само до еден испорачувач Гаспром што мора итно да се смени.

 

„Најбрз начин за тоа да се случи е да се поврземе гасоводно со Грција, што ќе овозможи пристап до другите системи за снабдување со гас, со грчкиот оператор со гас ДЕСФА. Имаме потпишано Меморандум за разбирање за градење гасна линија меѓу Македонија и Грција со што Македонија би имала пристап до терминалите на природен гас во Грција и перспективно  до гасоводот што оди до Азербејџан. Со тоа ќе овозможиме во Македонија да се појават повеќе енергетски снабдувачи со гас и конкурентност во тој дел, рече Анѓушев.

 

Американскиот амбасадор Џес Бејли ги поздрави напорите на Македонија за интегрирање во регионалниот енергетски пазар преку изградба на далекуводи  преку кои ќе се поврзе со соседните земји.

 

„Ги поддржуваме напорите на земјата за обезбедување различни извори на гас преку поврзаноста со Грција. На тој начин ќе се помогне Македонија да може да стане и транзитна земја низ која ќе поминува не само руски гас кон други соседни земји и вопшто во целиот синџир на снабдување. Ја потиткнуваме Владата целосно да ги спроведе реформите на енергетското законодавство во однос на директивите од третиот пакет и либерализација на пазарот на енергијата во земјата“, рече Бејли.

 

Сите овие мерки, додаде, ја зајакнуваат стабилноста и сигурноста на снабдувањето со енергија на земјата.

 

„САД поддржуваат динамичен енергетски сектор во Македонија. Компании од САД гледаат можности во Македонија и во регионот во оваа област и сакаме да соработуваме партнерски со нови услуги и инвестиции. Поддржуваме и подобрување и развој на обновливи извори на енергија  и подобрување во енергетската ефикасност кај домаќинствата и деловните субјекти. Главните цели на овие напори е да се обезбеди сигурност на снабдување, да се развијат нови извори на енергитка и да се намали увозната зависност“, рече Бејли.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи