Мас-Димитров: Германија „апсолутно подготвена да помогне“

Министерот за надворешни работи на СР Германија Хајко Мас најави силна поддршка за Македонија и лобирање кај останатите земји членки на ЕУ за одредување датум за почеток на преговори.

 

„Апсолутно сме подготвени да помогнеме. Денеска телефонски разговарав со мојот холандски колега, а следната недела ќе се одржат германско-француски владини консултации. Но и ние и досега имавме разговори со француските колеги. Знаеме дека таму има задршки“ изјави Мас.

 

Мас, го поздрави постигнатиот договор со Грција за името и изрази надеж дека во иднина и одлуките кои ќе бидат во однос на НАТО и ЕУ ќе бидат јасен сигнал за граѓаните на Мaкедонија.

 

„Се надевам дека во вашата земја ова решение ќе биде добро примено од граѓаните. Ние ќе продолжиме и понатаму да го поддржуваме тој процес“, изјави Мас на заедничката прес-конференција во Берлин со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров.

 

Посочи дека ова прашање е одлучувачко за европските и за германските интереси.

 

„Во Македонија изминатите години има импресивен процес на реформи и кој, исто така, сега покажува резултати во самата земја и заслужува да добие признание од целата Европска унија. Затоа ве поддржуваме да покажувате решителност и понатаму и да ги остварите потребните реформи“, рече Мас.

 

Германскиот министер порача дека добивањето датум не мора да оди во пакет со Албанија, за која има далеку поголеми задршки не само во Париз, туку и во Берлин.

 

„Македонија не може да биде колатерална штета, доколку во ЕУ нема подготвеност да и се даде датум за почеток на преговори на Албанија“ истакна Мас.

 

Димитров изрази благодарност на Германија за поддршката, порачувајќи дека тоа е земја во која што Македонија гледа столб на Европа, базирана на принципи, каде што владее меѓународното право и правила.

 

„Македонија живее историски денови, недели и месеци. На добар пат сме да затвориме еден спор, којшто беше како камен и ни’ го отежнуваше прогресот, и не’ заклучи во чекалната каде што поминавме доста многу години. Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 год. Оваа година добивме 9-та препорака од Европската комисија дека сме спремни да започнеме (н.з. со преговорите). Ова чекање создаде и кризи, меѓутоа, како што велат „никогаш немој да пропушташ добра криза“, научивме и добри лекции“ изјави Димитров.

 

За време на посетата, Димитров се сретна и со државниот министер за Европа, Михаел Рот, советникот за надворешна политика на германската канцеларка, Јан Хекер и пратеникот и претседател на пратеничката група за ЈИЕ, Јосип Јуратовиќ.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien