Собранието по скратена постапка со 69 гласови ЗА го усвои предлогот на Владата за ратификација на договорот

Facebook
Twitter
Email
Print

Со 69 гласа „за“ и 40 „против“ пратениците ја изгласаа потребата за донесување на закон за ратификација на договорот за името.

 

Законот за ратификација на договорот за решавање на спорот за името со Грција сега е во рацете на членовите на Комисијата за европски прашања и на членовите на законодавно правната комисија. Пратениците на пленарна седница претпладневоизгласаа дека има потреба од донесување на тој закон и дека тој треба да се донесе по скратена постапка.

 

Претседателот на комисијата за европски прашања Артан Груби ја свика комисијата за предлог законот, кој е со европско знаменце за во 15.00 часот, а законодавно правната комисија чиј претседател е Соња Мираковска ќе се состане во 15.15 часот.

 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров како претставник на владата во образложението пред пратениците ги спомена обврските Грција да ги деблокира евроатлантските процеси.

 

„Јунскиот европски совет е пред нас. Министрите за надворешни работи на земјите членки на унијата заседаваат на 25 и 26 јуни додека самитот на европскиот совет е на 28 јуни. Овие датуми се клучни за европската перспектива на нашата земја и зависат од ратификацијата на спогодбата. За да ги испорачаме овие резултати од кои зависат одлуките на претстојниот јунски европски совет предлагам собранието да одлучи овој предлог закон да се донесе по скратена постапка” рече министерот за надворешни работи Никола Димитров.

 

Неговото обраќање беше проследено со извици од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои му довикуваа предавник, а потоа и удираа по масите.

 

“Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери заради ваквото однесување, прекршување на принципи, закони, деловник, Устав и самиот интегритет на Собранието ќе ја напушти работата на Собранието” рече Милошоски.

 

Тој наведе и дека за тоа дали ќе ја бојкотираат работата на Собранието само за оваа седница или и за останатите ќе одлучеле органите на партијата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи