Раководителот на археолошките истражувања на „Стибера“ остана без „покрив“ на главата

Непознати сторител синоќа ги ограбиле складишните простории на музејот во Прилеп што се наоѓаат кај археолошкиот локалитет „Стибера“. Според раководителот на археолошките истражувања, Душко Темелкоски, украдени биле лопати, дурии, казми, мотики, ситен алат, пластични сточиња и маси, и како што самиот на шега вели останал и без „покрив“ на главата, односно „највредниот плен било кражбата на неговата капа. Според првичните проценки штетата биила околу 500 евра.

 

„Претходно пет пати двата објекти за складирање се провалувани, но секогаш тоа било вон работна сезона, кога во нив имало помал број на алати, така да биле крадени колички, алат (лопати, казми) и железни цефки кои се користат за подигање на настрешница за екипата кога работи во лето. Денеска првпат се ограбува за време на самиот терен, што значи навистина е еден неубав почеток на годинешните истражувања кои започнаа вчера. Украдени се лопати, дурии, казми, мотики, ситен алат, пластични сточиња и маси, а највреден е неотпакуваниот шатор кој чини околу 200 евра. Беше известена полицијата која направи увид, за жал арамиите не оставиле отпечатоци, затоа што за нивната активност ги користеле штотуку купените нараквици за работниците, 15 пара на број, а кои исто така се украдени. Екипата од музејот се сомнева на одредени луѓе, но ништо без докази“, истакна Душко Темелкоски, археолог, раководител на археолошките истражувања.

 

 

 

 

ПОМОШТА ОД ДРЖАВАТА ЗА ЛОКАЛИТЕТОТ СТИБЕРА Е СКОРО НИКАКВА

 

 

Темелкоски вели дека екипата која го истражува локалитетот била премногу револтирана и на државата и на мештаните од село Чепигово, со оглед на тоа што имала убави планови за „Стибера“ оваа година. Најголемиот проблем го гледаат во тоа што државата не покажувала сенс со години да го реши проблемот со земјиштето на кое се наоѓа локалитетот „Стибера“ кое пак скоро целосно е во приватна сопственост.

 

„Државата во минатите четири години не помогна, само замајуваше, кога се открија вреден наод на мермерна скулптура на виден граѓанин и градба од градот за кој се претпоставува дека е собранието на Стибера (до денес на ниту еден локалитет од античко време во Македонија се уште не е откриено собранието), на локалитетот пристигнаа тогашната министерка за култура, градоначалникот и голем број други претставници на институциите. Пред факторите екипата од прилепскиот музеј ја изложи главната пречка за истражување на Стибера, а тоа е што градот стопроцентно лежи на парцели кои се во приватна сосптвеност на мештаните од селото. Сите присутни беа потапшани по рамо од страна на факторите и повикани на разговор да се направи експропријација на земјиште. Државата има многу хектари земјиште кое може да го даде во замена, па така сите ќе беа задоволни, мештаните би работеле на парцели покрај реката Црна, кои се секако поплодни, во однос на нивите кои ги поседуваат, а „вријат“ од мермери и рушевини од градбите, па се незгодни за обработка, може трактор да се преврти, а државата ќе ги добие вредните парцели и ќе може да се откриваат целосно градбите и да се конзервираат и прикажат на туристите“, додава Темелкоски.

 

 

Во моментов било тешко и да се конзервираат наодите бидејќи законот не дозволувал проекти за конзервација на објекти кои се во приватна сопственост. Проблемот со откуп или размена на приватното земјиште се уште тапка во место.

 

„Иако на самиот терен беше предложена размена 1 према 2, што значи еден декар на мештаните за 2 на државата, мештаните на состанокот во Општина Прилеп кај градоначалникот од алчност рипнаа со 3 према 1. На крајот одговорот од Скопје беше дека законски е можно само еден према еден. Тогашниот градоначалник имаше предлог да се откупат нивите во акрополниот дел на градот, каде се сместени позначајни градби на Стибера. Но и тоа не се реши. А потребните 15.000 евра се трошка од барокот во Скопје или едно возило на некој потсекретар во министерството за противпожарна заштита и денгубење. И заради нерешениот спор, Собранието на градот веќе се засипи со земја, а годинава ќе се засипат и работилницата за теракотни икони и раритетното култно светилиште посветено на божество со птичје лице, единствено во Европа. Што понатаму со Стибера?“, прашува Темелкоски.

 

 

 

 

Инаку истражувањата оваа година на Стибера треба да траат околу 20-тина денови, со одобрени само 300.000 денари од Министерството за култура.

 

Дел од вредните скулптури пронајдени на локалитетот  :

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи