Ужас во Велес – три деца изгореа во пожар

Трите малолетни деца на Никола Давчевски и Марина Антониевска од Велес изгореа во пожар, кога вчера попладнето се запали трошната куќа во која живееле.

 

Децата биле сами дома, родителите ги заклучиле во собата и излегле до продавница. Соседите велат дека ги виделе пламените јазици некаде пред 16 часот и веднаш ја алармирале противпожарната служба, но додека пожарникарите стигнале, децата веќе биле мртви.

 

Соседите раскажуваат дека тоа било социјално загрозено семејство, кое живеело од собирање и продавање пластични шишиња. Тука се населило пред околу две години, но ретко контактирале со луѓе. Покрај трите малолетни дечиња имаат уште еден 19 годишен посинок.

 

СВР Велес и јавен обвинител работат на расчистување на случајот. Ќе се врши подолго вештачење за да се утврдат причините за настанување на пожарот во кој животот го загубија трите малолетни деца.

 

„Мислам дека денеска не ќе можеме да кажеме кои се причините за пожарот бидејќи очекувам вештачењето да трае подолго. Инаку денеска по наредба на ОЈО ќе биде извршена обдукција на телата на децата и нивна идентификација, бидејќи истите по пожарот се најдени јагленосани“, појасни Гордана Тодорова, в.д. јавен обвинител од ОЈО Велес.

 

Родителите на починатите дечиња, денеска се на распит во велешката полиција.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien