ВИДЕО – Хуманитарна трка за Дневниот центар за лица со церебрална парализа во Прилеп

Над 1.000 учесници беа дел од хуманитарната трка која вечерва се организираше во Прилеп. Средствата од котизацијата која чинеше 100 денари ќе бидат наменети за изградба на Дневниот центар за лица со церебрална парализа, кој после Скопје ќе биде втор ваков центар во Македонија. Родителите на децата со церебрална парализа велат дека сега конечно ќе имаат можност каде да ги оставаат преку денот своите деца и дека конечно ќе можат да се вработат.

 

 

„Ако не се бабите и дедовците ние немаме можност да работиме и да придонесуваме за дома. Сега би можеле да придонесуваме, а децата да ни бидат згрижени како што треба. Да има и интелектуална работа со нив. Градоначалникот рече дека се можни и вработувања на родителите во тој Центар во зависност од потребите и образованието“, вели Бранка Пројческа, родител на дете со посебни потреби.

 

„Навистина досега немавме услови ние како родители да одиме на работа, сме немале на кого да ги оставиме овие деца“, рече Билјана Стојческа, родител на дете со посебни потреби.

 

Организатори на оваа трка беа Општина Прилеп, Регионалната стопанска комора, Комфи Ангел, Гентрем и дел од бизнис секторот.

 

„Не само што правиме нешто добро гледате дека колективната свест и општото задоволство е очигледно и сите се среќни. Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на вработените во Комфи Ангел на нивниот одзив и на нивното партиципирање кое во овој момент е 480 учесници. Се надевам дека во континуитет сите ние заедно стопанството и НВО секторот ќе продолжиме да работиме заеднички проекти и ќе помагаме на оние на кого тоа им е најнеопхопдно“, изјави Ирена Јакимоска,  претседател на Регионална стопанска комора.

 

„Многу сум среќен што сум дел од оваа хуманитарна активност, ние како компанија имаме приоритет да се грижиме за децата и болните лица, ова е наша прва ваква иницијатива и се надевам дека нема да биде последна“, Андреј Хасинец, генерален менаџер на „Гентерм“.

 

Досега за овој центар биле одделени 5 милиони денари, од кои 2,5 милиони денари Општина Прилеп и 2,5 милиони денари Министерството за труд.

 

„Мислам дека оваа општествена одговорност која ја покажуваат компаниите, наредната година ќе ја продолжиме и ќе им помагаме на сите оние кои имаат потреба. На оваа трка има пријавено над 1.000 лица, кои покажаа дека се хуманитарци“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Се очекува овој центар, чиј капацитет ќе биде за околу 30-тина деца, да биде отворен за околу месец и половина.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien