Најавено минимално поевтинување на струјата

Минимално намалување на цената на електричната енергија. Ова денеска го најави новиот прв човек на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

 

Бислимовски рече дека утре ќе се знае колкаво ќе биде намалувањето. Тој додаде дека државната компанија за производство на струја, ЕЛЕМ, барала намалување на цената за 1,5 отсто, а ЕВН Македонија зголемување за девет насто. МЕПСО пак не испратил исправна пресметка на трошоците. Освен ова, Бислимовски најави дека подготвуваат правилник со кој ќе се намали цената за приклучок за електрична енергија.

 

„Во моментов приклучувањето за стандарден приклучок чини околу 30.000 денари. Со новите правилници таа цена ќе се намали. Апелеираме до општините да донесат Детални урбанистички планови, за да можат граѓаните да бидат во категоријата стандардни, а не во категоријата нестандардни приклучоци“, велат од Регулаторна комисија за енергетика.

 

Од Комисијата велат дека во втората половина од јули, до владата ќе ги достават условите според кои фирмите ќе може да конкурираат за да станат универзален и краен снабдувач на граѓаните кои од март наредната година нема да сакаат да купуваат струја на слободниот пазар. Бислимовски најави дека еден од условите која фирма ќе победи на овој тендер е најмалата заработка или маржа што ќе ја побара од Регулаторната комисија за енергетика.

 

Сепак, поголемиот дел од експертската јавност очекува дека со либерализацијата на пазарот, цената на струјата за граѓаните ќе се зголеми, бидејќи ќе заврши субвенционирањето од страна на фирмите кои плаќаа поскапа електрична енергија. Од Комисијата рекоа и дека до мај 2019 година нема да се менува методологијата за пресметка на нафтените деривати.

 

„По истекот на договорот кој беше потпишан за купопродажба на ОКТА од страна на Владата и на Хеленик петролеум, ќе се промени и методологијата. И со ваков договор потпишан во 2019 година, во овој момент, Македонија има најефтини деривати во регионот“, велат од Регулаторна.

 

Инаку, во методологијата има ставки како рафинериска цена од 27 долари по тон што ги поскапува дериватите бидејќи рафинеријата ОКТА не работи од 2012 година. Бислимовски најави и дека се разгледува опцијата и во постоечките објектите каде има хоризонтален систем за парно греење, да се воведат калориметри, што според дел од граѓаните ќе го поскапи драстично ова греење.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien