ЗНМ: ВМРО-ДПМНЕ да не го блокира законот за медиуми во Собранието

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) на денешната прес-конференција изрази загриженост затоа што, како што велат, опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку фиктивна амандманска расправа во собраниската Комисија за транспорт и врски го блокира донесувањето на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој е клучен за почнување на медиумските реформи во земјата и со кој треба да биде подобрен квалитетот на новинарството.

 

Како што истакна претседателот на ЗНМ Насер Селмани, предложениот закон доби широка поддршка од новинарската заедница и помина меѓународна експертиза од ОБСЕ и Советот на ЕУ.

 

„Единствениот недостаток на овој закон е што не обезбедува стабилно и одржливо финансирање на МРТ и Агенцијата за медиуми што е услов за нивна независност и професионалност. Чудно е што од околу 80 амандмани поднесени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ниту еден не се однесува на овој клучен недостаток на законот. Ова покажува дека главна преокупација на пратениците на опозицијата не е судбината на МРТ, туку како преку одолговлекување на расправата да ги заштити нивните партиски војници во Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за медиуми“, оцени Селмани.

 

Тој ја повика претседателката на Комисијата за транспорт, врски и екологија Лилјана Затуровска идната недела да закаже продолжување на расправата по законот, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја прекинат, како што посочува, лажната дебата и да дозволат Собранието да ги изгласаат измените. Во спротивно, нагласува тој, парламентарното мнозинство треба да ја преземе одговорноста и да ги деблокира реформите во медиумите преку можностите што се даваат со постојниот Закон за АВМУ.

 

„Доколку опозицијата продолжи да се однесува неконструктивно, бараме Комисијата за прашањата за избори и именување да утврди престанок на мандатот на тројца членови на Програмскиот совет на МРТ и на еден член во Советот на Агенцијата за медиуми затоа што при нивниот избор не е почитувана законската процедура“, посочи Селмани.

 

Тој додаде дека Комисијата потоа треба да започне постапка за пополнување на испразнетите места во советите согласно одредбите од постојниот Закон за АВМУ.

 

Ако парламентарното мнозинство не постапи на овој начин, ќе се доведе во прашање нивната искрена посветеност за усвојување на измените на Законот за АВМУ и за спроведување на медиумски реформи, подвлече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien