ВИДЕО – Интервју со Маријана и Владимир : Елбрус е освоен, следен е Аконкагва во Јужна Америка

Екипата на Инфо Компас направи интервју со двајцата херои, двајцата членови на планинарскиот клуб Мамути од Прилеп, Маријана Ѓорѓиевска и Владимир Јованоски, првите прилепчани кои што го искачија покривот на Европа, врвот Елбрус во Русија. Инфо Компас уште еднаш им го честита овој огромен успех.

 

 

Маријана како дојдовте до идеа заедно со Владимир да го искачите највисокиот врв во Европа, Елбрус ?

 

Идејата за да го искачиме Елбрус, односно највисокиот врв во Европа, се роди уште во моментот кога се решивме да го искачиме највисокиот врв во Западна Европа, Мон Блан. Во моментот кога се пријавивме за самата тура за Мон Блан, со водичот разговаравме што е она што тој го прави, каде оди и со што се занимава и ни кажа дека оди и на највисокиот врв во Европа и решивме да почнеме да ги искачуваме, во согласност со нашите можности, оние врвови кои што се најблиску, па потоа да продолжиме да искачуваме и некаде подалеку.

 

Колку време траеја подготовките за Елбрус?

 

Физичките и психичките подготовки траеја од самиот момент кога решивме дека сакаме да одиме на тоа искачување. Пред еден месец до месец и половина тие подготовки се интензивираа. Прво имавме технички подготовки во смисла вадење документација, визи и различна папирологија, а исто така напоредно си работевме и на нашата физичка подготвеност.

 

Каде се се подготвувавте, на кои планини, на кои терени?

 

Подготовките ни се стандардни, со турите со нашиот планинарски клуб, во рамките на нашата држава и најчесто одиме на Селечка, на Козјак, а оваа година имавме и неколку искачувања на Пелистер како поголема висинска разлика.

 

 

 

 

Владимир какво беше пристигнувањето во Русија, каде на почетокот се сместивте, колку дена траеше климатизацијата пред да се искачите на највисокиот врв во Европа?

 

Пристигнувањето во Русија беше сместување на местото викано Трскол, на 2.200 надморска висина, каде што имавме преноќување во планинарски хотел. Климатизацијата траеше некаде околу 5 дена. Првата климатизација ја имавме на врвот Пикет, на местото на руската опсерваторија, на висина од 3.400 надморска висина. После пристигнувањето значи на 26-ти го имавме тоа аклиматизационо искачување. На 27 со жичара имавме искачување до местото викано Карабаши на 3.840 надморска висина, каде што се сместивме во контењери. На тоа место имавме една вечер преспивање, аклиматизација. Наредниот ден на 28 имавме исто аклиматизационен успон до 4.600 надморска висина на местото викано Стена Пастухола, од каде имавме некаде 40 минути до 1 час аклиматизација на таа висина. Потоа повторно се спуштивме на 3.840, каде повторно имавме преноќување. Од таа висина наредниот ден на 29-ти имавме аклиматизационен успон до 5.050 метри, каде што има ратрак, кој на тоа место заглавил во 2003 година и останал таму. После таа аклиматизација имавме доста лошо време, слеговме до планинарскиот дом во Приуд на 4.100 надморска висина, каде што имавме преноќување. На 30-ти јуни имавме ден за одмор, да ја средиме опремата, да се одмориме. На 1-ви јули го имавме главниот успон до врвот Елбрус.

 

Колку часа се качувавте?

 

Искачувањето  почна во 1 часот вечерта, а нашето искачување со Маријана и македонската екипа траеше 9 ипол до 10 часа.

 

Вие бевте прв од екипата која што се искачи горе. Какво беше чувството да се освои највисокиот врв во Европа?

 

Па, врвовите не се освојуваат, едноставно се искачуваат. Чувството е одлично, да си прв на врвот на Европа од градот, неописливо е. Начекавме доста сурово време горе, со доста јак ветар. Моменталната температура беше минус 15, ветрот се движеше со 70-80 километри на час, но имаше и такви бранови кои на моменти достигнуваа и до 100-120 километри на час. Едноставно ако си слободен во телото, може да те оддува.

 

 

 

 

Маријана, се искачувавте 9 часа до највисокиот врв Елбрус. Какви мисли ти поминуваа низ главата во тие 9 часа?

 

Во тие моменти не размислуваш ништо освен за самата патека и го слушаш сопственото тело. Како треба да се движиш, како треба да дишеш, кога треба да му дадеш одмор за да можеш да го оствариш она по кое што си тргнал, односно она што си го замислил. Девет ипол часа траеше нашето искачување, од кои можам да кажам дека последните 20 минути беа најтешките. Излеговме горе на една рамнина, каде што ветрот беше навистина силен, во споредба со мојата телесна тежина, значи беше навистина многу тешко да се борам со него. Така да тие 10 минути беа најтешки за качувањето поради силниот ветар, но се се заборава кога ќе се качиш горе на највисоката точка во Европа. Пред да заминиме на Елбрус, разговаравме со други планинари кои имаат одено претходно на Елбрус, го имаат искачувано. На сите описот за Елбруз им беше ист, сурова планина. Прашував баш што значи тоа сурова планина, но успеав да дознаам дека Елбруз е сурова планина. Без оглед на фактот што висината можеби не е толку голема како онаа на хималајските врвови, но климата горе е многу различна. Времето се менува на секој час, некогаш и на 10 минути. Буквално сурово.

 

Прилеп со овој успех докажа дека може да биде успешен и во високогорското планинарење. Кои се вашите идни чекори заедно со Владимир, и како клуб?

 

Мило ми е што Прилеп го насети пулсот на нашиот клуб и на многу млади луѓе кои што идат и кои што планинарат со нашиот клуб, кои живеат во нашиот град, дека имаат желби и аспирации да започнат една високогорска традиција. Ние еве се обидуваме две години уназад, значи две години по ред да ги удриме темелите на високогорството и се надевам дека тоа добро ни оди и мило ми е што тоа го препознаа и жителите на нашиот град. Има заинтересирано луѓе кои што сакаат да искачуваат врвови, веќе почнуваат, се охрабруваат и чест и задоволство ми е што ние ете сме предводници на едно такво движење, бидејќи Прилеп е познат како град херој, каде што сите спортови се актуелни, така и високогорството би било добро да се развие на едно поголемо ниво.

 

 

 

 

 

Владимир еве за крај, кои се вашите следни чекори?

 

Нашите следни чекори пред сè се значи искачување на македонските врвови, нешто имаме во план за Словенија и Австрија и за во јануари месец имаме испланирано и за  нешто повисоко, значи вториот сумит. Тој е во Јужна Америка, Аконкагва, 6.920 метри. Доколку се обезбедат финансиски средства, ќе бидеме и на тој врв првите прилепчани што ќе успеат, се надеваме дека на таа експедиција ќе учествуваме и ќе го искачиме и тој врв.

 

Колку ве поддржаа прилепските компании, прилепските институции?

 

Па прилепските компании не поддржаа со одредена сума на средства, колку да можеме дел од нашата експедиција на Елбруз да ја покриеме. Тука може да ја споменеме компанијата за мермер и гранит Крин КГ, еден наш сограѓанин, другар со планинарењево Гоце Котески и дел од нашите средства ги обезбеди Општина Прилеп.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien