ВИДЕО – Заврши 16-тиот по ред Пиво Фест, манифестацијата ја посетиле околу 200.000 граѓани

Со настапот на Шабан Шаулиќ синоќа во Прилеп заврши 16-тиот по ред Пиво Фест. Според организаторите оваа манифестација ја посетиле околу 200.000 граѓани, од кои 100.000 биле гости надвор од Прилеп. Само во саботата и неделата во Прилеп според статистиките влегле над 8.000 возила од другите градови. Атмосферата и забавата за овие 4 фестивалски дена беа на одлично ниво, а публиката можеше да ужива во различни видови на музика, како Ван Гог, Црвена Јабука, Кирил Џајковски, Бени, Дани, Тони Зен, Милица Тодоровиќ, Џенан Лончаревиќ, Жељко Јоксимовиќ и многу други.

 

 

„Јас сум многу задоволен од организацијата и реализацијата на овогодинешниот Пиво фестивал 2018 во Прилеп. Од едноставни и јасни причини, затоа што имавме 4 дена добра забава, одлична забава, каде што и публиката и гостите се забавуваа овие четири дена, имаше одлична атмосфера, никакви сериозни инциденти. Хигиената беше на високо ниво, градот секој ден беше исчистен во раните утрински часови, сите јавни претпријатија  максимално професионално си ја завршија својата работа. Дури и невремето што беше синоќа околу 21 часот не ги поколеба нашите граѓани и гости да излезат повторно да продолжат со игра, забава, веселба и дружење во последниот ден на фестивалот. Во оваа прилика сакам да упатам пред се благодарност до организаторот на овогодинешниот фестивал Пиво фест Прилеп 2018, агенцијата Инфинити, кои што заедно со дел од вработените во Општина Прилеп макотрпно работеа, посебно последните 2-3 недели, го дадоа својот максимум, достоинствено беа посветени на својата работа да дојдиме до крајната цел. Ова што ни се случи на наше општо задоволство, овие четири дена да бидат успешни и на крајот сите да бидеме задоволни од добрата реализација. Исто така сакам да упатам благодарност до сите стопански субјекти и компании кои финансиски го поддржаа овогодишниот фестивал, за нивото да биде повисоко и да имаме добра организација на фестивалот. Благодарност до јавните претпријатија и до сите институции во градот кои што беа задолжени, секој во делокругот на својата работа. Да кажам само дека во викендот во Прилеп од другите градови дошле околу 8.000 возила, биле регистрирани од службите ангажирани за паркирањето, да упатам благодарност за нивната работа. Во овие два дена, за викендот, Прилеп го посетиле некаде околу 100.000 граѓани“, изјави градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

 

 

 

 

 

За оваа манифестација Општина Прилеп од буџетот оддели 2,5 милиони денари, за што даде и отчет кои пејачи колку пари добиле. Поголемите музички ѕвезди пак потпишале договор со организаторот Ентфинити и според тие договори не било дозволено изнесување на сумата за колку пари пејачите гостувале на фестивалот.

 

„Што се однесува до финансискиот дел на Пиво фестивалот, да кажам дека од општинскиот буџет Советот на Општина Прилеп издвои 2.5 милиони денари за реализација на Пиво фестивалот. Тие средства што ги издвои денес ќе бидат ставени на страната на Општина Прилеп и јас сега ќе ги прочитам за да биде јавноста биде информирана каде се потрошени општинските пари. Направени се авторски договори со соодветни агенции од дадените музичари кои што настапуваа овие четири дена. Тони Зен 154.250 денари, плус персонален данок, за сите. Александра Јанева 43.150 денари, Фортисимо бенд 30.850 денари, Некст Тајм 154.250 денари, Црвена Јабука 370.200 денари, Дарио 215.950 денари, Бени и Нон Стоп 184.500 денари. Ова е сумата која ја издвои Општина Прилеп со авторски договори за учесниците и се она што требаше да биде реализирано во овие четири дена“, додаде Јованоски.

 

 

 

 

 

 

 

Според неформалната анкета која ја направила Општина Прилеп 65% од граѓаните биле задоволни со начинот на организација на фестивалот и неговата локација. Од наредната година ќе се размислувало дали и какви промени би имало.

 

„Многу сум задоволен од реализацијата на годинешниот Пиво Фест Прилеп 2018, без разлика што имаше различни коментари и скептицизам дали воопшто ќе се одржи фестивалот, како ќе биде одржувањето, дали на истиот начин, истиот тек на одржување, дали ќе се промени локацијата итн. уште еднаш да кажам дека направивме неформална анкета пред почетокот на фестивалот, кога се договаравме за реализација на овогодинешниот Пиво фестивал, кај граѓани од 18 до 70 години, кај угостители и непосредни учесници итн., и околу 60-65% кажаа дека се задоволни за ваквиот начин на организирање на Пиво фестот и локацијата на одржување на фестивалот. Од тие причини оваа година одлучивме да го направиме исто како што беше и минатите години, истата локација и истиот начин на реализација, во однос на уметниците и бендовите кои што беа во овие четири дена. Уште од денес ќе размислуваме како ќе го реализираме идната година. Мислам дека се уште постојат различни мислења, промена на локацијата, начинот на реализирање, но сега имаме време и мислам дека за в година навремено ќе бидете информирани која ќе биде нашата одлука и како ќе биде организиран фестивалот“, потенцираше Јованоски.

 

 

 

Организаторот Ентфинити истакна дека и тие се задоволни како поминала целокупната атмосфера на фестивалот за 4-те дена.

 

„Од аспект на организација за нас беше големо задоволство да ова го сработиме и реализираме, иако сакам да соопштам дека воопшто не е лесен зафат, туку напротив е многу голема одговорност, која што ја поднесовме и мислам дека достоинствено одговориме на обврските и барањата. Поминавме четири прекрасни дена, со тоа што саботата и неделата имавме огромна маса на народ, како од надвор, така и локалното население. Посебно задоволство за нас е тоа што немаме некои поголеми пријавени проблеми, или инциденти, освен оние кои што се и организациски предвидени. Се разбира временските услови во неделата не беа во наш прилог, меѓутоа со брза координација, добра логистика, успеавме да ја смениме програмата и да го одржиме ветувањето дека сите артисти и изведувачи ќе се качат на сцената и достоинствено ќе си ја задржат својата работа. Сметам дека народот кој присуствуваше на Пиво фест Прилеп оваа година се врати дома насмеан и задоволен. Огромно искуство за нас, доста научивме, ја научивме душата на градот, станавме пријатели со голем дел од населението. Се надевам дека и штандовите се задоволни како и нас оваа година. На крајот на денот сметам дека успеавме да направиме уште една успешна приказна“, изјави Дарко Манасиевски, Ентфинити.

 

 

И од Ентфинити рекоа дека доколку повторно бидат избрани за организатори на фестивалот размислувале за одредени промени.

 

„Доколку би биле ние пак се разбира, ќе влеземе со нова креатива, со нови, свежи идеи. Значи дека би имало можност можеби територијата да се зголеми и наредната година би требало можеби да се размислува повеќе на македонските изведувачи, на македонската уметност. Тоа не значи дека не би го задржале континуитетот на фестивалот, но постои можност да вметнеме можеби театар, ликовна уметност, изработувачи на накит. Мислам дека фестивалот треба да добие и една поинаква димензија, освен “панаѓурската“ се разбира, така да градот го има капацитетот, институциите го имаат капацитетот и сметам дека со нови и свежи идеи може да се збогати таа програма, а со тоа да добие на големина и фестивалот. Значи вкупната посетеност на фестивалот според нашите евиденции е преку 200.000, а онаа бројка која ја спомна градоначалникот се однесува само на туристи. Значи ние немавме фестивал само сабота и недела, туку и четврток и петок. Се разбира ви смисла дека петокот е работен ден, четвртокот беше послабо посетен, но беше пристојно посетен и сепак имаше одлична забава и доста луѓе дојдени од надвор, така да четири дена фестивалот ја исполни нормата за четиридневен фестивал. Најголемата посетеност беше во сабота и недела, затоа што најголемите ѕвезди беа ставени во сабота и недела. Сето ова што го зборуваме значи дека може и треба да се размисли и на можеби кратење на главната музичка програма, а зголемување на фестивалските активности. Тоа значи дека може да имаме и целонеделен фестивал, но музичка програма само во два дена. Сето тоа се работи кои треба да се размислуваат и разгледуваат во наредната година“, додаде Манасиевски.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи