Над 60 загинати во катастрофалните пожари околу Атина

Facebook
Twitter
Email
Print

Апокалиптични сцени во Грција што само за неколку часа го обиколија целиот свет. Она што пред неколку дена се чинеше дека е локализиран шумски пожар, за неколку часа се претвори во бесна огнена стихија.

 

Според најновиот биланс најмалку 60 лица загинаа, околу 200 се примени во болница. Бројот на исчезнати постојано се зголемува. Првичните проценки покажуваат дека паниката што се создала по брзото ширење на пожарот ги блокирала улиците и патеките, па многумина не успеале да се евакуираат на време. Локалните медиуми пренесуваат дека помеѓу две викендички изутринава биле пронајдени 26 тела, кои веројатно се членови на пошироко семејство.

 

„Успеавме да се извлечеме и да се упатиме кон морето. Бегавме колку што е можно подалеку од димот. Додека бевме во чамците ветерот нè однесе кон отворено море. Она што најмногу ме вознемируваше е кога гледаш дека тој до тебе се задушува, а не можеш да му помогнеш“, додава еден од локалните жители.

 

Шумските пожари започнаа во неделата, на триесетина километри западно од грчкиот главен град, каде што од пред две недели владее екстремна суша. Ветерот го засили огнот и со голема брзина го рашири кон излетничките и станбени квартови.

 

Додека пожарникарите се концентрираа на овој регион, на другиот крај, источно од Атина, во подрачје со густа борова шума, се распламте уште поопасен пожар. Зимзелената шума е место со стотици викендички каде жителите на Атина заминуваат на летување. Првите проценки се дека дел од пожарите би можело да се подметнати.

 

„Наскоро очекуваме помош преку Механизмите за цивилна заштита на ЕУ. Шпанија испрати авиони, а Кипар екипа од 60 пожарникари.“, изјави Ставрула Малири, портпарол на противпожарната служба во Атина.

 

„Побаравме од Комесарот за кризен менаџмент да биде во постојан контакт со надлежното тело во Грција. Активирани се механизмите за цивилна заштита за Грција, но напоменувам дека критични пожари има и во Летонија и во Шведска“, рече Александер Винтерштајн, заменик-портпарол на Европската комисија.

 

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, уште синоќа ја прекина својата посета на Босна и Херцеговина и побара меѓународна помош, а од денеска во Грција е веќе прогласена и тридневна жалост.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи