Иницијатива за воведување на соларни системи и одржлива енергија во земјоделското производство во регионот

Денеска во Прилеп здруженијата ЛАГ Агро Лидер и Солар Македонија одржаа заедничка презентација пред фармери од Пелагонија на тема внесување на соларни системи и одржлива енергија во земјоделското производство во регионот. Со здружени сили, двете организации ќе работат на модернизација и зголемување на рентабилноста на фармите во регионот преку употреба на обновливи извори на енергија. Настанот е поддржан од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем кој неодамна на двете здруженија им додели грантови за развој на работната сила и локалната економија.

 

„Оваа иницијатива е во склоп на новиот проект кој ЛАГ Агро Лидер го спроведува. Проектот е насочен кон помош на земјоделците, особено фармерите и сточарите, преку воведување на нови советодавни услуги на терен и финансиски услуги и услуги за развој на самите фарми со цел да се зголеми продуктивноста и пазарниот успех на македонските фармери”, изјави Марина Тошеска од Локалната акциска група (ЛАГ) Агро Лидер.

 

Солар Македонија, преку активностите од грантот, ќе се бави со одржување тренинзи за монтажери на соларни системи, додека пак ЛАГ Агро Лидер ќе нуди техничка помош и експертско знаење на фармерите од пелагонискиот регион. Комбинирајки ги знаењата на ЛАГ Агро Лидер со вештините на Солар Македонија, Проектот ќе работи на опремување на пелагониските фарми со соларни систем кои ќе ги намалат трошоците за електрична енергија по фарма.

 

„Македонија е регион со можеби најдобри услови за искористување на сончева енергија од аспект на сончево зрачење, температурни зони и погодни сончеви денови. Со цел подобрување на искористеноста на овој потенцијал, овој настан ќе ги промовира сите можности за внесување на сончева енергија во земјоделството како што се сончевите топлински колектори, фотоволтаични системи, но и хибридниот систем кој дава и електрична и топлинска енергија во исто време, изјави професорот Илија Насов, претседател на Солар Македонија.

 

Тој додаде дека во Македонија постојат многу можности за добивање на финансиско олеснување при воведување на соларни системи, од IPA и IPARD фондовите до УСАИД и ЕУ, до поволни партнерски кредити и други банкарски инструменти

 

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем ќе ја зајакне конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија (ММСП) во Македонија преку подобрување на деловните услуги, финансирањето и пазарните врски со цел потикнување на пораст на продуктивноста и вработувањата во ММСП. Преку својата прва компонента, Проектот соработува со организации за бизнис поддршка во  идентификување и подобрување на недостатоците присутни во македонското деловно опкружување. Овој настан го одбележува почетокот на заедничките активности кои Проектот планира да ги спроведе со бизнис организациите во текот на наредните три години.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien