Општина Прилеп: За ефектите од работата на новоангажираните кадри говори реализацијата на проектите

Општина Прилеп ги негира обвинувањата изнесени на денешната прес конференција на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп за непотизам и партиски вработувања во локалната самоуправа и јавните претпријатија во Прилеп. Според нив, критериумите по кои се вработени новите кадри не се партиски или роднински врски, туку стручност, професионалност, одговорност и посветеност во работата, за што говорат ефектите од реализацијата на активностите што ги презема Општина Прилеп.

 

Реакцијата ја пренесуваме во целост.

 

Стручност, професионалност, одговорност, посветеност во работата. Ова се критериумите врз основа на кои се ангажираат новите кадри во Општина Прилеп. За ефектите од работата на новоангажираните кадри говори реализацијата на сите активности што ги презема Општина Прилеп, а кои што се дел и од Програмата на градоначалникот Илија Јованоски:

 

  • Отворање на детска градинка„Рампо Левката“,
  • Во тек се активностите за изнаоѓање локација за нова детска градинка и изработка на техничка документација,
  • Завршени се градежните активности за новиот Дневен центар за лица со церебрална парализа, набавена е опремата, во моментот се работи на уредување на дворот,
  • Со пари од ЕУ, во тек е проектот „Маркови кули – заштита и делување“,
  • Реконструкција и асфалтирање на патот кон населено место Селце во должина од 650 метри со пари од ЕУ – ИПА грант за рурална инфраструктура имплементиран од Светска банка-МСИП проект,
  • Изработка на урбанистичка документација за населените места Ореовец и Крстец, проект кофинансиран од Бирото за регионален развој,
  • Проект за набавка на мобилно против-пожарно возило, за интервенции во високи зони, финансиран преку Програмата за регионален развој,
  • Се работи на подготовка на техничка документација за проектот „Гасификација на Прилеп“,
  • Се работи на проект за уредување на велосипедска патека и спортско-рекреативна зона кај вештачкото езеро, со цел развој на алтернативниот туризам,
  • Проект за уредување на Старата чаршија, којшто се аплицира преку Светска банка,
  • и бројни други проекти и активности за подобрување на квалитетот на животот во градот.

 

Општина Прилеп и градоначалникот Јованоски за својата работа не одговараат пред Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, туку пред сите граѓани на Прилеп. Заложбите токму затоа се во правец реализација на проекти, и решавање на проблеми кои што токму претходната власт ги имаше заборавено.

 

Катастрофалната состојба со инфраструктурата, улиците и патиштата се одраз на крајната неодговноста на претходната локална власт. За решавање на овој проблем се преземаат низа градежни активности за санација на ударните дупки, асфалтирање на улиците, урбано уредување на делови од градот, коишто деценија и повеќе беа заборавени.

 

Но, имајќи ја предвид политичката констелација и резултатите од последните локални избори, разбирливи се обидите на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и на денешната прес конференција, на ваков начин, со неосновани критики, конструкции, често спинови да го држи политичкото внимание кај својот електорат.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien