Двајца битолчани се осомничени за говор на омраза на Мечкин Камен

Министерството за внатрешни работи ги соопшти иницијалите на двајцата битолчани против кои е поднесена кривична пријава за говорот на омраза искажан на Мечкин Камен, казниво по член 319 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија. Едниот од нив е 24-годишник со иницијали М.Д., додека вторниот е 19-годишник со иницијали Ѓ.Д.

 

И двајцата се товарат за сторено кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“.

„Во врска со настаните во Крушево на 2 август во полициска станица се повикани повеќе лица и по документирањето на случаите и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. На 02.08.2018 година околу 13.00 часот на местото ,,Мечкин Камен“ во Крушево, каде се одржуваше манифестација по повод прослава на националниот празник „Илинден“, пријавените лица организирано присуствувале на прославата како дел од група составена од навивачи од повеќе навивачки групи. За време на положувањето на цвеќе од страна на присутните делегации провопријавениот М.Д., второпријавениот Ѓ.Д. и други лица, стоејќи во непосредна близина до ВИП ложата, спроти бината каде се одржувала манифестацијата, скандирале навредливи пораки со што сториле кривично дело „предизвикување омраза, раздор, или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, велат од МВР.

 

За време на одбележувањето на Илинден на Мечкин Камен, каде говореше претседателот Иванов, дел од присутните упатија навреди и говор на омраза кон Албанците. Истата група  потоа фрлаше и пластични шишиња кон владината и странската делегација во која беше и  заменик- помошникот Државен секретар на САД за Европа и Азија, Метју Палмер.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien