Отстрането дискриминирачкото известување за родилките во струмичката болница

Отстрането е известувањето од акушерското одделение во струмичката болница со кое се бара од родилките пред породување да донесат извод од венчаните.

 

 

Откако оваа фотографија се прошири на социјалните мрежи и предизвика реакции кај граѓаните, со свој став излезе и директорот на струмичката болница, Наќе Гогов. Тој за весникот „Слободен печат“ изјави дека не бил известен за поставувањето на известувањето и дека веќе е отстрането.

 

„Лани, тогашниот министер за здравство Арбен Таравари даде „Мој термин“ за новородени деца да има лична карта и извод од матична служба. Текстот не е таков каков што е напишан таму на натписот, некоја сестра од Акушерско го напишала така и го залепиле да има известување. Не ме прашале мене како да биде текстот. Тие што го напишале натписот, не се во право. Тоа требало да биде интерно во самото одделение. Тие ги бараат тие документи секако, матична служба бара да се пушти на време раѓањето на детето, два до три дена максимум да се поднесе пријавата до матичната служба. Ама текстот што е даден не е така напишан како што е во законот, законското решение. Тие произволно така го ставиле. Ако има извод во ред, ако нема нема, тоа никогаш не било пречка. Прво раѓањето, па потоа луѓето ќе си ја вршат работата“, изјави Гогов.

 

Гогов додава дека ниедна родилка што била дојдена во болницата не била вратена. Според него досега немало таква реакција, некој да појди и да се пожали дека такво нешто се случило.

Од Министерството за здравство потврдија дека натписот бил отстранет.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien