Улицата Кеј 4-ти Јули ќе добие нов лик

Градоначалникот Илија Јованоски и директорот на ЈКП Водовод и канализација, Емил Јанески денеска на терен извршија увид врз градежните активности што се изведуваат на улицата Кеј 4-ти Јули. На оваа улица целосно се отстранува стариот и се поставува нов слој на асфалт по целата нејзина должина, од улицата Васко Карангелески, до улицата Јоска Јорданоски.

 

„Денеска сме на улицата Кеј 4-ти Јули, на која требаше да биде направена рехабилитација со промена на нов асфалт. Кога се започна со работа се воочи дека оваа улица е со многу мала подлога. Затоа екипите почнаа со копање, така што целосно ќе се реновира оваа улица. Во тек е поставување на нова водоводна мрежа. Оваа улица се прави по сите европски стандарди и ги демантирам шпекулациите дека низ оваа улица, ќе се движат тешки товарни возила. Напоменувам дека улицата се прави по сите европски стандарди и во наредните 15 години, нема да има потреба од никаква реконструкција или рехабилитација“, рече градоначалникот Јованоски.

 

ЈКП Водовод и канализација ја заменува старата азбест-цементна мрежа со нови цевки, изработени од современ полиетиленски материјал.

 

“Како што кажавме и минатата недела и како што најави градоначалникот денеска, секаде каде што Општината врши реконструкција на коловозните површини, ЈКП ВИК ќе ја менува старата азбест-цементна мрежа со нови цевки, изработени од современ полиетиленски материјал. На оваа улица Кеј 4-ти Јули веќе се променети 100 метри водоводна мрежа. А, наредниот период ќе бидат сменети уште 400 метри. Утре ќе почне смената на водоводната инсталација на улицата Гога Димитриоски, бидејќи денеска ги чекаме податоците од Телеком и ЕВН за нивните приклучоци. Градежните работи  зад пиланата Чавле се веќе завршени со нова водоводна инсталација од 200 метри. Исто така сакам да посочам дека во населба Тризла пред куќата со број 105, изведуваме таложник за да ги решиме долгогодишните проблеми со коишто се соочуваат жителите од оваа улица, за време на поројни дождови и поплави. На улиците: Републиканска, Битолска, Вера Циривири, Орде Чопела работиме на реконструкција на атмосферска канализација, со што им помагаме на граѓаните да немаат проблем, каков што имаа за време на поројните дождови“, истакна директорот Јанески.

 

Улицата Кеј 4-ти Јули во целата своја должина од 800 метри ќе добие нов лик. Оваа беше една од најруинираните улици во населбата Вишне, а каде сообраќаат и жителите од типската населба и од зградите кај касарната.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien