Лажни вести – Голема антитерористичка акција или мал трансфер на терористи?

Македонското МВР вчера соопшти дека привело седум лица за кои постои сомнение дека биле дел од терористичката организација Исламска држава во Сирија и Ирак. Од САД пак велат дека се работи за репатријација.

 

Една од главните вести во македонските медиуми вчера беше апсењето на седум државјани кои се осомничени за учество во странски терористички групи во Сирија и Ирак. Од Министерството за внатрешни работи објавија и видео од апсењето на терористите кое го споделија повеќе медиуми. Во соопштението на МВР се наведува дека апсењето на осомничените терористи било извршено во соработка со Глобалната коалиција за борба против тероризмот. Надлежните тврдат дека се работи за продолжение на полициските акции Ќелија 1 и 2.

Она што не се наведува е дека лицата и биле испорачани на Македонија од меѓународните партнери директно на аеродромот во Скопје. Според новинската агенција Асосиејтед прес, по повеќемесечен притисок од САД, неколку држави меѓу кои и Македонија прифатиле репатријација на свои државјани кои учествувале во борбите на фронтовите во Ирак и Сирија како дел од ткн. Исламска држава и други терористички организации.

 

Македонија е последна во низата земји кои прифатиле да ги репатрираат терористите уапсени од страна на Сириските демократски сили- борбена група која делува со поддршка на САД. Се работи за вкупно 600 борци кои треба да се префрлат во земјите на потекло, но проблемот на САД е што голем број други европски држави одбиваат да ги примат назад.

 

Според неофицијални проценки, околу 130 македонски државјани и се приклучиле на ткн. Исламска држава и учествувале во војната во Сирија, а најмалку десетмина загинале во борбите.

 

САД досега одбиваа официјално да дискутираат за трансферите на уапсени терористи, со став дека оставаат на самите држави да одлучат дали ќе ги откријат одлуките за репатријација на своите државјани.

 

Според АП, македонските државјани биле заробеници на Сириските демократски сили, а во Скопје стигнале со превоз кој најверојатно го обезбедиле САД.

 

Како и зошто МВР пласираше лажни вести останува знак прашање.

 

Извор: ДВ

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien