18.000 луѓе во Македонија живеат во модерно ропство

Скоро 9 лица од секои 1.000 жители на Македонија, или вкупно околу 18.000 граѓани живеат во услови на современо ропство, покажува новиот Глобален индекс за ропство за 2018 година, што ја става земјава на самото европско дно, со Туркменистан и Белорусија како единствени држави каде состојбата е полоша отколку во Македонија.

 

Извештајот, кој го изработуваат од Обединетите Нации заедно со Фондацијата Вок Фри (Walk Free) го дефинира модерното ропство како комбинација на повеќе фактори: принудна работа, трговија со луѓе и ропство или практики слични на ропство меѓу кои се вбројуваат и принудните бракови.

 

Податоците од Извештајот покажуваат дека 71 процент од современите робови се жени, додека 29 отсто се мажи. Повеќе од 15 милиони луѓе се наоѓаат во присилни бракови, што е облик на ропство, додека околу 25 милиони се присилени да работат без паричен надомест, слобода на движење и основни човекови права.

 

Македонија според последниот индекс се наоѓа на 25-тото најлошо место во светот во конкуренција на 167 држави според појавата на модерно ропство, додека државава стои подобро во поглед на владините реакции на ваквата појава со рејтинг БББ, кој е втор највисок рејтинг кој може да го добијат земјите.

 

„Владата ги спроведува клучните компоненти на сеопфатен одговор на некои форми на модерно ропство, пружа услуги за поддршка на жртвите, има силен одговор на правосудните органи, има докази за координација и соработка и заштита за ранливите популации. Владите може да почнат да се справуваат со проблемот на ропството во постапките поврзани со јавни набавки или кај деловни субјекти на нивна територија. Може да постојат докази дека некои владини политики и пракси може да ги криминализираат и/или резултатите при депортација на жртвите“, се наведува во појаснувањето за тоа што значи оценката БББ.

 

Во регионот на Европа и Централна Азија, веднаш зад Македонија се наоѓа Грција, со 8 случаи на модерно ропство на 1.000 жители, па Албанија и Турција. Скандинавските држави, Луксембург и Ирска се земјите со најмалку случаи на модерно ропство, со забележани под 2 случаи на секои 1.000 лица.

 

Јапонија е државата со најмала застапеност на модерно ропство (0,3 случаи на 1.000 жители), а во првите пет држави се наоѓаат и Канада, Тајван, Нов Зеланд и Австралија.

 

Северна Кореја пак е држава со најмногу случаи на модерно ропство (105 на 1.000) според последниот Индекс, по што следуваат Еритреја (93 на 1.000), Бурунди (40 на 1.000), Централноафриканската Република и Авганистан (22 на 1.000).

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien