Греко: Разочарувачки резултати во борбата со корупција

Македонија не напреднала во спречувањето на корупцијата меѓу пратениците, судиите и меѓу обвинителите со тоа што целосно не ги имплементирала препораките на ГРЕКО, констатира вториот извештај за усогласеност на оваа организација посветен на нашата земја. Антикорупциското тело кое делува во рамките на Советот на Европа ги повикува македонските власти да преземат конкретни мерки во однос на препораките дадени пред четири и пол години.

 

„Очигледно разочарувачки се перформансите на државава по однос на препораките“, се вели во извештајот на ГРЕКО и групата ги повикува властите да бидат поодлучни.

 

Само шест од 19 препораки биле имплементирани на задоволително ниво, а од останатите препораки, осум биле парцијално, додека пет не биле имплементирани.

 

Се нотираат и контраверзите околу Државна комисија за спречување на корупција и немањето капацитет  за политички независен и балансиран пристап. Од ГРЕКО потсетуваат дека  комисијата неодамна беше вмешана во сериозни контроверзи и мнозинството од нејзините членови поднесоа оставки, поради наводите за лошо управување со средствата.

 

Во делот на судиите и обвинителите, извештајот констатира дека земјата направила ограничен напредок. Ова антикорупциско тело и понатаму инсистира да се смени Уставот во делот каде што се овозможува членството на министерот за правда во Судскиот совет по службена должност, за да се зајакне независноста на судството од несоодветно политичко влијание, и покрај тоа што во пракса оваа препорака на некој начин е имплементирана, бидејќи министрите за правда на последните две влади не учествувале во работата на Судскиот совет.

 

Кога се работи за пратениците ниедна од препораките не е имплементирани ниту делумно, освен кодексот за пратениците. Според ГРЕКО целосно неиплементирана е препораката Собранието да ги развие внатрешните механизми и упатства за спречување на судир на интереси и за прифаќање на подароци, гостопримство и други бенефиции. Групата на држави против корупција забележува дека не се воведени ни правила за тоа како членовите на Парламентот ќе комуницираат со лобисти и со други трети страни коишто сакаат да влијаат врз законодавниот процес.

 

Греко  во заклучокот потенцира дека  ниво на усогласеност со препораките е ниско и “глобално незадоволително“ и се бара шефот на делегацијата на Македонија да презентира нов извештај за напредокот што е можно побрзо, најдоцна до 30 јуни следната година.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien