ЕУ подготвена на отстапка во договорот за Брегзит

Европската комисија ја разгледува можноста да попушти во преговорите за Брегзит, во делот на основите слободи на движење, што е една од најчувствителни точки во преговарачкиот процес, тврдат британските медиуми.

 

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, преговорите за британското напуштање на Европската Унија со месеци тапкаат во место, бидејќи двете страни не можат да постигнат договор за комплексните прашања околу внатрешниот пазар, слободата на движење и правните основи на идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија.

 

Поради ова, според британски медиуми, Европската комисија размислува да и попушти на Велика Британија во однос на слободата на движење на луѓето, со тоа што би и дозволила изземање во овој дел, односно на Лондон би му било дозволено да ја задржи слободата на движење на стоката, но би бил изземен од онаа што се однесува на луѓето.

 

Британски „Тајмс“ тврди дека ваков став заговараат „неколку земји од ЕУ“, што претставува прво поголемо разидување меѓу членките на Унијата и Европската комисија. За ова прашањето ќе се разговара на средба на лидерите на ЕУ што ќе се одржи во Австрија идниот месец.

 

Европската комисија од самиот почеток на преговорите инсистира дека доколку Британците ја напуштат Унијата, ги напуштаат и сите основни слободи и дека не можат да бараат да важи само слобода на движење на стоките, а да не прифатат слобода на движење на луѓето.

 

Меѓутоа, еден од поголемите проблеми за Брисел е што истовремено мора да се избегне воведување на физичка граница на ирскиот остров, како од економски, така и од исторсики причини, а притоа да биде заштитен заедничкиот европски внатрешен пазар и царинската унија.

 

Европската Унија има строги правила за својот внатрешен пазар, кои вклучуваат еколошки, социјални и здравствени стандарди. Доколу Северна Ирска не е повеќе дел од ЕУ, а притоа нема граница со Република Ирска – која останува членка на Унијата, треба да се најде начин како ЕУ да се заштити од ризикот за преплавување на својот пазар со производи кои не би биле во согласност со европските стандарди.

 

Сепак, не е сигурно дали оваа отстапка од страна на ЕУ би била прифатена од британска страна, бидејќи доколку и се попушти на Велика Британија за слободата на движење на стоките, тоа би било придружено со условот Лондон да продолжи да ги почитува стандардите што ги воведува ЕУ. Но, проблемот е во тоа што најтврдокорните поддржувачи на Брегзитот заговараа напуштање на Унијата, токму за да не мораат да се почитуваат европските стандарди.

 

Овој модел наречен „Џерзи“, по автономната британска кралска територија крај францускиот брег во Ламанш, ќе значи дека Велика Британија останува интегрален дел од европската царинска унија и како таква не може да склучува свои независни трогвски договори со трети земји, право кое беше еден од главните аргументи на поддржувачите на Брегзитот во кампањата и се уште е цел на британскиот министер за трговија Лиам Фокс.

 

Според британските медиуми, ако Лондон го прифати ваквото барање на Брисел, тогаш би се поставило прашањето која е целта на напуштањето на ЕУ, ако Велика Британија не може слободно да склучува независни договори со други земји.

 

Сепак, најавата дека ЕУ е подготвена да попушти не е никаква гаранција за излез од ќор-сокакот, ниту за успех во преговорите, но е показател дека двете страни не кренале раце од напорите за постигнување договор за Брегзит.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien