СДСМ : ВМРО-ДПМНЕ Прилеп пласира клевети, ќе следуваат соодветни тужби

Криминалното и коруптивно владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кога партиски моќници се богатеа на грбот на граѓаните, и кога спротивно на сите законски прописи се поставуваа кадри за директори и раководители, е темно минато што никогаш нема да се повтори! Велат во писмената реакција од О.О. на СДСМ Прилеп, која доаѓа по прес конференцијата на О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп на која тие обвинија дека директорот на ЈКП „Комуналец“ Прилеп нема соодветно образование за функциијата.

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Надлежните институции веќе покренаа серија на истраги и кривични пријави за злоупотреби на службената положба и овластувања против екс градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески, од кои неколку се веќе во разрешница и за што му е одземен пасошот.

 

Најдобра потврда за тоа како Ристески и ВМРО-ДПМНЕ ги менаџираа кадровските прашања е поставувањето на Ирена Стерјоска Локвенец за директор на Домот за стари лица во Прилеп, за што Јавното обвинителство поднесе обвинение.

 

Имено, иако  во јавниот оглас за директор на Старскиот дом како  посебен услов било предвидено работно искуство од 4 години после дипломирањето, Ристески донел решение со кое за директор ја избрал Ирена Стерјоска која во тоа време имала работно искуство од 2 години и 6 месеци.

 

Времето кога се прекршуваа сите закони само за да се задоволат апетитите на партиските послушници на ВМРО-ДПМНЕ заврши.

 

Денес со институциите раководат кадри што се компетентни, имаат знаења и вештини, и пред се’ ги исполнуваат законските услови за работните места.

 

Информациите што јавно ги изнесе портпаролот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ се ноторна лага и клевета со цел да се наруши угледот на градоначалникот Илија Јованоски и В.Д. директорот на ЈКП Комуналец „Звонко Јованоски“, за што ќе следат соодветни тужби.

 

Надлежните органи треба да откријат од каде потекнуваат ваквите дезинформации и да превземат мерки против сите што јавно ги пласираат.

 

ВМРО – ДПМНЕ нема да успее преку лажни вести да го прикрие сопствениот криминал, ниту да го спречи напредокот на Општина Прилеп и Република Македонија“, велат од ОО СДСМ Прилеп.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien