ВИДЕО – Живее со социјална помош од 2.800 ден., долгови кои му ги оставиле починатите родители и нарушено здравје

Со долгови кои му ги оставиле неговите починати родители, нарушено здравје поради кое не може да работи било каква работа и социјална помош од само 2.800 денари месечно. Потполно сам вака живее 31 годишниот Даниел Крстески од прилепското село Врбјани.

 

 

„Ме оставија на цедило сам да седам. Не се издржува вака сам. Тешко ми е многу сега, само се нервирам. Земам социјална помош од 2.800 денари, со тоа еве колку може да се преживее“, вели Даниел Крстески, жител на село Врбјани.

 

Пред 10-тина дена му ја исклучиле и струјата затоа што родителите оставиле долг од околу 1.500 евра. Од ЕВН повторно му ја приклучиле струјата, но сега тој треба да ја плаќа на рати. Крстески вели дека тој воопшто не е во можност да плаќа за електрична енергија, бара од државата да му помогне околу овие трошоци затоа што нема начин како да преживее.

 

„Сега ме оставија јас сам се да плаќам. Од што ќе ги плаќам сега јас тие пари. И на рати нека се, од што ќе најдам пари ? Барам од државата да ми помогне да се плати долгот за струјава и барам вработување, бидејќи не се живее со социјална помош од 2.800 денари месечно“, додаде Крстески.

 

 

Претходно работел во комуналното претпријатие во Општина Кривогаштани три месеци, но се уште нема земено плата.

 

„Само ни велат, утре ќе ни пуштат, другиден ќе ни пуштат, пари нема. Градоначалникот рече дека тој нешто незнам ќе помогнел, нешто средства ќе ни пуштеле преку Министерството, другите ќе ги доплателе незнам како, но засега пари нема“, вели Крстески.

 

Побарал и еднократна парична помош од Центарот за социјална работа во Прилеп кој во месец мај му доделиле само 3.000 денари. Тие пари кога му стигнале на сметката веднаш му биле повлечени затоа што родителите со години не плаќале и радиодифузна такса.

 

Крстески не испрати со надеж дека некој ќе ја чуе неговата молба да му се обезбеди нормален живот, каков што заслужуваат сите граѓани.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien