„Виз ер“ ги укинува летовите од Скопје до Барселона и од Охрид до Лондон

Унгарската компанија „Виз ер“ ја укинува продажбата на билети за двe од своите авионски линии надвор од Македонија, само една недела откако владата го поништи тендерот за доделување на финансиска поддршка за лансирање на нови дестинации.

 

Нискобуџетниот авиопревозник ќе ја прекине продажбата на билети за Скопје-Барселона од 26 октомври. Исто така, ќе ја прекине продажбата на билети за своите летови од Охрид до Лондон од 24 октомври.

 

Како што претходно беше објавено, „Виз ер“, ќе ги прекине летовите помеѓу Скопје и Ваксјо во јужна Шведска од средината на септември, поради слабата побарувачка. Последниот лет помеѓу двата града ќе биде на 16 септември, по што продажбата на билети ќе биде прекината.

 

Претходниот тригодишен договор со државата за субвенционирање на нови дестинации, истече во јуни. Како резултат на тоа, нискобуџетниот авиопревозник повеќе не е договорно обврзан да ги одржува своите дестинации што ги лансираше во текот на изминатите три години, ниту пак добива субвенции за нив.

 

Македонското Министерство за транспорт и врски неодамна го поништи тендерот за нов круг субвенции. Само една авиокомпанија аплицираше, но Министерството забележа дека запечатените коверти не ги содржат името и адресата на превозникот, како што е наведено во тендерската документација.

 

„Министерството сака да информира дека ќе објави јавен повик за доделување на финансиска поддршка за авиопревозниците во најкус можен рок, со цел да овозможи развој на воздушниот сообраќај во Македонија”, се вели во соопштението на министерството.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien