Дерала: Не може да има 1.8 милиони гласачи, а да сме вкупно 1.6 милиони жители

Во пресрет на референдумот кој треба да се одржи на 30-ти септември, Македонија повторно се соочува со истиот проблем како и на сите видови на избори. Фантоми гласачи и починати повторно се најдоа на Избирачкиот список, а непрочистен список може да има негативно влијание врз претстојниот референдум, вели Џабир Делара од ЦИВИЛ за „Фокус“.

 

„Бројката на фантоми и починати во Избирачкиот список не се знае, а веројатно и не може да се дознае со оглед на лошата состојба на овој документ. Кога би се дознала таа бројка, ќе бидеме на половина пат и да го прочистиме Избирачкиот список. Инаку, голем дел од проблемите на Избирачкиот список ЦИВИЛ веќе со години ги посочува. Нашата соработка со релевантни експерти од Македонија, Хрватска и САД нѐ прават сериозни авторитети во оваа област, но очигледно е дека ДИК немаше интерес да ги сослуша препораките. Ние имаме голема доверба во еден Александар Новакоски, на пример, кој точно ги знае проблемите од внатре, со оглед на неговата правна експертиза, а уште повеќе неговото искуство како претседател на ДИК до 2011 година. Луѓе како Новакоски, но и неколкумина други со кои ние соработуваме, се очигледно непожелни за ДИК, бидејќи можеби и ќе им го решат проблемот“, изјави Дерала.

 

Според релевантни експерти, Македонија нема повеќе од 1,6 милиони жители, а бројот на гласачи изнесува 1,8 милиони, додава Дерала.

 

„Избирачкиот список, ваков непрочистен, секако дека може да има негативно влијание врз квалитетот на изборните процеси, како што е и случајот со претстојниот референдум. Погледнете го само бројот на гласачи – над 1,8 милиони. Проценките на релевантни експерти говорат дека во Македонија нема повеќе од 1,6 милиони жители вкупно, сосе новородените бебиња. Треба ли повеќе да се говори за тоа како може да влијае само еден недостаток на Избирачкиот список. Да не говориме за проблемот со оние што ги нема на Избирачкиот список, за оние што се разместени итн. Сето тоа може да влијае демотивирачки на гласачите, да не говориме за тоа дека со ваков список се отвораат можности за сериозна повреда на гласачкото право“, истакна Дерала.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien