Владата се уште не знае колку ќе чини кампањата за референдумот

Facebook
Twitter
Email
Print

Владата на наредната седница ќе донесе конкретен план и програма за одвивање на целата кампања за референдумот, вклучително и за средствата што ќе се потрошат за таа намена, изјави денеска владиниот портпарол Муамет Хоџа.

 

„За три дена од денеска, министерствата и другите органи од државната управа ќе мора да му рапортираат на Министерството за финансии колку средства имаат на располагање за владината кампања за референдумот, но Владата ќе ја води кампањата транспарентно“, рече Хоџа.

 

Тој вели дека за тоа ќе се користат и средства заштедени од репрезентација на министрите, а Владата ќе биде целосно транспарентна за потрошените пари.

 

Владиниот портпарол рече дека при подготовките на планот и програмата за референдумската кампања, ќе се оди според Законот за референдум. Хоџа посочи оти кампањата ќе биде информативна, а целта е на граѓаните да им се објаснат придобивките од договорот со Грција.

 

„Со кампањата ќе ги информираме граѓаните дека успешен рефендум значи отварање на патот на земјата за членство во НАТО и Европската унија, ќе биде презентиран договорот за името со Грција и за придобивките од него. Секое министерство и институција од своите буџети ќе треба да кажат колку пари можат да се пренаменат за кампањата за референдумот. Тоа ќе биде од одредени заштеди од репрезентации или од други ставки. Сметаме дека референдумот е многу важен за земјата и сите средства кои ќе се користат за спроведување на кампањата ќе бидат јавно објавени“, рече Хоџа.

 

На новинарско прашање за усогласеноста на оваа одлука за кампања според Венецискиот кодекс за подобри референдумски постапки од 2007 година, со која се вели дека употреба на јавни фондови од Влада во кампања мора да биде забрането, Хоџа рече дека ќе се земат предвид сите прописи, а потоа ги наведе одредбите на Законот за референдум.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи