Шекеринска: Нема да се користи осиромашен ураниум на Криволак

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска , вчера присуствуваше на отворениот ден на Обуката на копнени сили на САД што се одвива на армискиот полигон „Криволак“.

 

Армискиот полигон „Криволак“ за првпат се користи од страна на хеликоптерски единици за копнена поддршка на САД, откако неодамна беше сертифициран од страна на 7-мата Команда за обука на копнени сили на САД во Европа.

 

Министерката облече и воена опрема, и на момент почувствува како е да се биде војник во вакви услови и на оваа температура.

 

Веднаш по информациите, дека Криволак ќе биде користен и за вежби со боево гаѓање на американската авијација, се проширија шпекулации и страв од можноста за користење на муниција со осиромашен ураниум.

 

На тоа со своја реакција веднаш излезе Министерството за одбрана на Република Македонија со која најостро ги демантира ваквите дезинформации.

 

„Министерството за одбрана најостро ги демантира шпекулациите кои се споделуваат на социјалните мрежи дека на полигонот Криволак ќе се одвива гаѓање со бомби кои содржат осиромашен ураниум. Министерството за одбрана најодговорно тврди дека ниту сегашните, а ниту идните обуки и тренинзи на нашите партнери од НАТО на полигонот Криволак не се од било каква опасност по здравјето на граѓаните, ниту ќе се користат бомби со осиромашен ураниум. Ваквите лаги имаат за цел да ја поттикнат недовербата на граѓаните во НАТО и се во функција на негативна кампања за претстојниот референдум. Граѓаните да бидат спокојни, членството на Македонија во НАТО носи единствено поголема безбедност и сигурност за нашата земја“, се наведува во реакцијата од МО.

 

Со своја реакција излезе и министерката Шекеринска која што истакна дека нема да се користат бомби со осиромашен ураниум, ниту ќе се вршат вежби кои на било каков начин го загрозуваат здравјето на граѓаните.

 

„Ноторните лаги никому не се од корист. Граѓаните да не подлегнуваат на лажните вести во пресрет на претстојниот референдум и официјализирањето на членството во НАТО“, напиша таа на Фејсбук.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien