АРМ денеска го одбележува 18 август – Денот на армијата

Во присуство на државниот и армискиот врв, претставници на дипломатскиот кор и други видни личности пред Министерството за одбрана  се одржа централната свеченост по повод 18 август – Денот на армијата на Република Македонија.

 

Врховниот командант Ѓорге Иванов, од говорницата им се заблагодари на припадниците на Армијата, и порача дека пред нив се нови безбедносни предизвици, во време, во кое како што кажа, се заговараат нови промени на границите.

 

„Македонскиот војник е скромен, благодарен и се задоволува со малку, но токму во тоа е неговата големина и токму со тоа не обврзува да се грижиме уште повеќе, бидејќи грижејќи за војниците се грижиме за Армијата, а грижејќи се за Армијата се грижиме за Република Македонија затоа како претседател на Република Македонија постојано инсистирам за зголемување на средствата за Армијата за да биде подготвена за предизвиците“, рече Иванов.

 

Според Иванов, носителите на политички одлуки мора да инвестираат во едукацијата, современата технологија и подигнувањето на животниот стандард на припадниците на АРМ.

 

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска порача дека после долго време се вратил фокусот во клучните реформи во армијата и се направил голем исчекор кон НАТО.

 

„На Република Македонија и требаат резултати, конкретни и видливи. Резултати со кои НАТО знамето ќе биде тука, но со кои и знамето на Република Македонија ќе биде во Брисел пред НАТО Алијансата заедно со знамињата на другите 29 сојузници како дел од најмоќната светска воено политичка алијанса. Армијата на Република Македонија во изминатава година беше тивкиот дипломат кој помагаше во добивањето на НАТО поканата“, истакна Шеќеринска.

 

За роденден на АРМ е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот “Мирче Ацев”. Процесот за формирање на современата македонска армија пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија. По многу години подготовки, денес, според потврдата од Брисел, македонската Армија е подготвена да чекори рамо до рамо со најсовремените армии дел од НАТО.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien