ВИДЕО – Нов проект на историчарот Белчески за Ченто, ќе издава „Фото монографија“

Со положување на свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов Ченто во центарот на Прилеп денеска беа одбележани 116 години од раѓањето на првиот претседател на Македонија. Почит оддаде делегација на Општина Прилеп, организацијата на борци на Прилеп, политички партии и граѓански здруженија.

 

 

„Денеска се навршуваат 116 години од раѓањето на една од најмаркантните личности во историјата на нашата земја, првиот Претседател, Методија Андонов Ченто. Со овој чин на положување свежо цвеќе од страна на различни претставници на нашето општествено живеење во Прилеп, оддаваме достојна почит кон неговиот лик и дело“, рече Елена Ташкоска, советник во Советот на Општина Прилеп.

 

Историчарот Рубин Белчески повеќе години работи на проектот „Ченто биографија низ фотографија“, изложба која посети повеќе градови во Македонија. Сега Белчески најавува нов проект поврзан со Ченто.

 

„А тоа е „Фото монографија“ за Ченто која што ќе ги содржи сите фотографии за него, како и хронологија на настани поврзани со ликот и делото на оваа значајна личност од историјата на македонскиот народ, личност која што целиот свој живот го поминал во борба за самостојна и суверена Република Македонија“, изјави Рубин Белчески, историчар.

 

Белчески предлага и да се сними и филм според книгата „Ченто мојот татко“, која ја пишувал неговиот, син, а му ја диктирал Ченто кога излегол од затвор.

 

„Порачувам филмските работници да се позанимаваат со таа книга, воопшто ии со фотографиите кои ги собрав јас. И може комотно да се направи еден игран филм за Ченто, не документарен бидејќи таков веќе има. Ако знаеме дека тој е роден во 1902 годиина, во предвечерјето на Илинденското востание, потоа животот му продолжува во српскиот период, бугарската окупација, секако и повоениот период, така што преку неговото животно дело можеме да го следиме периодот на развојот и страдањата на македонскиот народ во периодот од 1902 година до смртта на Ченто во 1957 година“, додаде Белчески.

 

Во 1990 година, на барање на синот на Ченто е обновен судскиот процес против него и е укината пресудата од 1946 година со која тој неправедно е осуден и обвинет.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien