Холандска експертска помош за реформите во правосудството

Експертска помош од Холандија за Македонија во областа на правосудството најави холандскиот амбасадор во Република Македонија, Ваутер Пломп. На средба со премиерот Зоран Заев, Пломп изрази очекување дека Македонија ќе продолжи со реформските процеси, посебно во делот на правосудството.

 

Како што информираат од Владата, на средбата било нагласено дека реформите во правосудството ќе придонесат во евроинтеграцискиот процес и била изразена поддршка на политиките што водат кон евроатлантските интеграции на Република Македонија.

 

Транспарентноста во судските постапки и департизацијата на судството се најголемите предизвици на почетокот на скрининг процесот кој почнува за две недели и токму овие точки беа нотирани и во неколку последователни извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија, каде се потенцираше дека се потребни итни реформи во поглавјето правосудство.

 

Во фокусот на скринингот предвидено е да биде и состојбата во правосудството, реформите во судството, владеење на правото, ефикасните судови, непристрасни судии и јавни обвинители, департизација и правосудни органи во служба на граѓаните.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien