На помалку од 10 дена до учебната година 9 училишта во Битола со исклучена струја – должат над 285 милиони денари

Средните и основните училишта чиј основач е општина Битола имаат вкупни долгови од над 285 милиони денари (околу 4,6 милиони евра), а од нив 122,8 милиони денари се долгови кон надворешни доверители, вршители на разни услуги за училиштата.

 

Од општина Битола потврдија дека две средни училишта и осум основни училишта се со блокирани сметки, средното медицинско училиште „Јован Калаузи“ должи околу 35 милиони денари, основното училиште „Крсте П. Мисирков“ должи 39 милиони денари, а со високи долгови кои се движат од 16 до 30 милиони денари се и основните училишта „Александар Турунџев“, „Гоце Делчев“, „Елпида Караманди“, „Климент Охридски“ и „Коле Канински“.

 

„Училиштата се со блокирани сметки, а имаат извршни решенија и тие не може да плаќаат, а не може ни Општината по пат на цесии да ги плаќа нивните доверители зашто тоа е незакионски, за да не се доведе некој доверител во повластена позиција во однос на друг. И тоа е кривично дело. Средното училиште ‘Таки Даскало’ успеа да ја плати струјата зашто настана вакум простор, односно беше одблокирано на неколку часа. Се преземаат начини за решавање на проблемот во уште едно улилиште, ако тоа успее ќе се обратиме до ЕВН да се преземе постапката и за другите училишта“, рекоа од Општина Битола.

 

Првите луѓе на битолската локална самоуправа на новинарскиот брифинг посочија дека деновиве се посветени на надминување на проблемите со неплатени сметки за потрошена електрична енергија кои училиштата во градот не ги плаќале од месец април 2017 година, со што во овој момент вкупниот долг на училиштата кон ЕВН-Македонија изнесува 6,5 милиони денари, од нив 5,3 милиони денари должат основните и 1,2 милиони денари средните училишта.

 

За состојбата е известена Владата и министерствата, па формирана е и работна група предводена од премиерот за наоѓање решение. Од Општината се надеваат дека ќе се среди до први септември за да нема одржување на настава со скратени часови.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien