Владата со тендер од 670.000 евра за цвеќиња

Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија распиша тендер за хортикултурно одржување и уредување на објектите на државната управа со вредност од 41 милион денари (околу 670.000 евра).

 

Главен критериум за добивање на тендерот е најниската понудена цена, а услови за кандидатите што ќе се пријават на конкурсот е да имаат минимум 7 милиони денари вкупни приходи во последните три години (2015, 2016 и 2017 година). Тендерот ќе се доделува по пат на електронска аукција.
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски на  прес-конференција  истакна дека 660 илјади евра е само проценка за тоа колкава сума е потребна за хортикултурно уредување, но не значи дека толку пари ќе бидат потребни за тоа.

,,Тоа е проценка не е финална сума, не значи дека ќе се дадат толку пари за уредување. Сумата ќе се намалува со оглед на тоа дека на тендерот ќе се избере најниската понуда“, рече Бошњаковски.

Тендерот за хортикултурно уредување на 133 илјади метри квадратни беше објавен пред 45 дена. Фирмата што ќе биде избрана на тендерот и наредните 3 години ќе се грижи за хортикултурно одржување на државните институции.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien