Меркел: Германија не е зависна од Русија

Планираниот подводен гасовод во Црното Море нема да ја направи Германија зависна од Русија за енергија, рече германската канцеларка, Ангела Меркел, денеска.

 

Таа во обраќањето на студентите во Тбилиси повтори дека Берлин сака да обезбеди континуирана испорака на дел од рускиот гас преку Украина и по завршувањето на „Северниот тек 2″.

Полска, Украина и балтичките земји стравуваат дека гасоводот под Балтичко Море би можел да ја зголеми европската зависност од рускиот гас и истовремено Украина, која сѐ уште се бори против проруските бунтовници на својата територија, ќе ги изгуби приходите кои ги добива за транзитот на рускиот гас.

 

И нордиските земји изразуваат загриженост за својата безбедност поради гасоводот кој би одел под Балтичко Море на кое имаат крајбрежја.

 

Американскиот претседател, Доналд Трамп, минатиот месец изјави дека Германија е „заробеник” на Русија бидејќи е енергетски зависна од неа. Официјален Вашингтон врши притисок врз Берлин да ја сопре работата на гасоводот тврдејќи дека со него ќе се зголеми енергетската зависност на Германија од Русија.

 

Но Германија и Австрија се фокусирани на комерцијалниот ќар и сакаат да добијат поевтин гас тврдејќи дека нема ништо лошо во отворање дополнителен гасовод. Германските енергетски групи Унипер и Винтершал, австриски ОМВ, англиско-холандската група Шел и француски Енџи веќе вложија во 1.125-километарскиот гасовод.

„Северниот тек 2″ ќе поминува низ ексклузивните зони и територијални води на пет земји – Русија, Финска, Шведска, Данска и Германија. Гасоводот ќе биде долг повеќе од 1 200 километри и ќе може да пренесува 55 милијарди кубни метри гас годишно.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien